Доживотен паричен надоместок како признание за храброст за ранетата наставничка во „Владислав Рибникар“

by Fokus

Владата на Република Србија денеска на седницата одржана во Белград донесе одлука со посебно признание за наставничката по историја, Татјана Стевановиќ, од основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград.

Одлуката претставува израз на поддршка и почит за храброста што Татјана Стевановиќ ја покажала за време на трагичниот инцидент со пукање во училиштето на 3 мај 2023 година, кога беше ранета додека предаваше, јавуваат српските медиуми.

„Наставничката Татјана Стевановиќ стана симбол на храброст и издржливост во тешки ситуации, поради што иницијативата за доделување посебно признание доби широка поддршка како кај колегите и учениците од ОУ `Владислав Рибникар`, но и кај граѓаните на Србија. Собрани се над 13.000 потписи за поддршка на оваа иницијатива, што јасно го покажува интересот на јавноста за оваа тема и нејзината важност.

Владата ја увиде важноста на овој настан и одлучи да ја поддржи иницијативата, која е исклучително ретка и претставува единствен случај во доделувањето на јавни награди во вид на доживотен месечен паричен приход. Оваа мерка има за цел да ја олесни финансиската состојба на Татјана Стевановиќ по тежок инцидент и да ја поддржи во справувањето со последиците што ќе ги трпи до крајот на животот“ се вели меѓудругото во соопштението на српската Влада.

Со прифаќањето на иницијативата за доделување специјално признание на Татјана Стевановиќ, Владата на Србија покажува солидарност и емпатија кон жртвите и истовремено испраќа силна порака за поддршка на образованието и наставниците. Оваа одлука е поддржана и од Сојузот на независни синдикати на Белград, кој ја препознава важноста на постојаниот паричен надоместок како додаток на редовните примања, кои ќе и се исплаќаат на Татјана Стевановиќ секој месец, во согласност со зголемувањето на трошоците за живот, се вели во соопштението.

Поврзани новости