Сообраќајот на државните патишта се одвивa по влажни коловози, на повисоките места во западните и југозападните делови од државата со остатоци на кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонија пат.
Воведени се неколку забрани за сообраќај на тешки товарни возила.
Забрана за сообраќај за тешки товарни возила е воведена од 6:20 часот изутринава на патниот правец Битола – Ресен преку планинскиот превој Ѓавато, поради обилни врнежи од снег, соопшти АМСМ.
Од синоќа во 00:40 часот поради врнежи од снег е воведена забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Од 03:00 часот изутринава поради обилни врнежи од снег се воведува забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот превој Стража.
Од 05:25 часот поради обилни врнежи од снег се воведува забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Кичево – Охрид преку планинскиот превој Пресека.
„Стентон градба ДОО” известува за времена измена на режим на сообраќај на државен пат крак А1 ,делница Градско – Прилеп (Фариш-Прилеп), поточно после мостот на р. Раец кон Плетвар заради отпочнување со градежни активности утре во врска со проект Рехабилитација на државен пат А1,Делница Фариш-Прилеп и ќе трае во наредните 12 месеци. Поради изведување на градежните работи ќе има пренасочување на сообраќајот по две коловозни ленти, возачите треба да ја следат поставената патна сигнализација и да возат со намалена брзина при поминување на работната делница.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Облачно со врнежи од дожд вдолж пошироко Повардарие, а на планините и на повисоките места со врнежи од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови. До крајот на денот врнежите ќе преминуваат во снег и на некои пониски места. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал -1 до 6, а максималната од 0 до 8 степени.
Во Скопје облачно со врнежи од дожд, кои повремено и особено во повисоките делови ќе преминуваат во снег. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне 6 степени.
Според Управата за хидрометеролошки работи, од овој бран на пообилни врнежи ќе има во западните делови. До понеделник наутро снежната покривка на планините значително ќе се зголеми и ќе се формира нова на повеќе места, особено во западните делови каде локално ќе наврнат и над 20 см нов снег. Во понеделник врнежите ќе се послаби, а во вторник ќе има услови за провејување на снег со послаб интензитет. До среда ќе дува повремено засилен северен ветер, а температурата значително ќе се намали особено утринската.