Преблиску сме за да ги смениме правилата на игра во последен момент, рече денеска министерот за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, откако ВМРО-ДПМНЕ побара укинување на пржинската влада.
Според Османи, за овие избори не може да има промени на моделот, а многу е важно и на претстојната лидерска средба во декември да се постигне консензус дали изборите ќе се одржуваат споено или одвоено.
Како што истакна тој на брифинг со новинарите, во ДУИ уште нема одлука кој би бил премиер во техничката влада и тоа најверојатно ќе се реши во почетокот на декември.
-Како потпретседател на партија, јас би се согласил за наредните избори да се повлече пржинската влада, но не на овие избори. Едноставно сме преблиску за да ги смениме правилата на игра во последен момент. Сега, на овие избори, продолжуваме со истите правила на игра согласно договореното и уште при формирање на коалицијата – дециден е Османи.
Негова оценка е дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не е против техничка влада поради министрите и замениците министри, туку поради премиер Албанец.