Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации „Мапирање на ризиците од корупција во јавните набавки на претпријатијата во сопственост на Владата и на општините“, спроведено врз 37 јавни претпријатија основани од Владата, Градот Скопје и општините Кавадарци, Гостивар и Струга, покажало дека во ситуација кога јавното претпријатие не објавува проценета вредност на одредена набавка се случувало да пристигне понуда идентични со „тајно“ предвидените пари за таа намена.
Во таа насока, државно јавно претпријатие во огласот за јавна набавка на фумигација на жито не ја навело проценетата вредност на тендерот, која била позиционирана на 1.200.000 денари (19.512 евра) без ДДВ, но во текот на постапката добиена е една понуда со цена од 1.199.610 денари, што е само 390 денари помалку од проценетата вредност.
“Вредноста не можела да се насети од видот на постапката бидејќи во „поедноставена отворена постапка“ можат да се купат стоки во вредност од 10.000 до 70.000 евра без ДДВ ниту, пак, од вредноста на претходниот тендер, за што постојат информации во Електронскиот систем за јавни набавки. Договорот е склучен со единствениот понудувач“, велат од ЦГК.
Во тој контекст, Акционерско друштво во тендер за градежни работи за изградба на објект ја проценило вредноста на зафатот во износ од 65.262.000 денари без ДДВ, но проценетата вредност не била јавно објавена во огласот за јавна набавка. Притоа, пристигнале 2 понуди, од кои една е на износ од 65.220.636 денари, односно само 0,04 отсто пониска од проценетата вредност.