Речиси три децении, посебно во летниот период, во Неготино се развлекува истата сага и огромен проблем на граѓаните, кој веќе некако стана ,,нормален” начин на живеење во градот покрај Вардар, кој моли за вода. Целовечерни рестрикции на водата за пиење, неколкучасовни дневни рестрикции, а во период кога чешмите ќе протечат, се случува притисокот да е на ниско ниво, па невозможно е да се вклучи машина за перење или туш.
И оваа година, откако започнаа летните горештини, неготинчани се соочија со истата болка – вода нема! Да се пишува за проблемот во градот во срцето на Европа, веќе станува клише, токму поради тоа што трае толку долго, и што ниту една власт не успеа да го реши. Како одлична тема за лов на гласачи во сите предизборни кампањи, како редовно ветување на сите кандидати за градоначалници, испраќањето во историја на проблемот со водоснабдувањето во градот, веќе им личи на научна фантастика на граѓаните. Многу од нив, решија сами да си го решат проблемот и да не чекаат на надлежните институции, па си набавија скапи хидрофори, додека оние со поплиток џеб или со голема верба во институциите, се уште се надеваат на ветениот живот без рестрикции.
Токму зачестените рестрикции, најчесто без никаква претходна најава од страна на ЈП Комуналец, изминатиот период се актуелна тема во градот. Стотици коментари на социјалните мрежи, од разочарност во институциите, па се до барања на граѓаните да им се носат пред врата пакети со вода за пиење, па дури и влажни марамчиња, бидејќи функционирањето без вода е недозволиво во било кое општество.
-Вода нема, вода нема… Цели триесет години го слушаме тоа, па нели се научивте веќе да живеете без вода за сето ова време? – гласи еден од саркастичните коментари на темата, кој дава одлична слика на она што му се случува на Неготино.
И во околните населени места е актуелна истата приказна. Се жалат жителите на Тремник, а неодамна жители на Црвени Брегови дури и дојдоа со комбиња пред општинската зграда, очајни поради состојбата, но и жалејќи се на стомачни вируси. Од ЈП Комуналец кон крајот на јуни информираа дека поради високите температури ќе има рестрикции на водата за пиење од 23 часот навечер, па се до пет наутро.
Пред пет дена пак, информираа дека се чисти каналската мрежа од алги, и во рок од два дена ќе биде во прекин снабдувањето на водата за полевање на дворните површини, но како што појаснуваат граѓаните, прекинот се уште трае. Пред четири дена имаше известување дека поради дефект дури 13 улици ќе останат без вода, се до санирањето на дефектот, а рестрикциите продолжуваат. Револтирани, граѓаните прашуваат дали некогаш ќе се надмине оваа состојба, за која се изнаслушаа на ветувања во изминатите децении.
Пред околу две години, беше саниран дефект во Ваташа, кој пред тоа не бил откриен, а поради кој се губеле околу 10 литри вода во секунда. Беше поставена шахта, и започна да се работи на санирање на останатите дефекти поради кои се губела водата на повеќе локации. Тогаш, во координација со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, на Бојанчиште беа одвоени 20 литри вода во секунда и транспортирани во главниот цевковод на Лукар, а Бојанчиште од други извори доби доход на вода. Граѓаните се понадеваа дека дошол крајот на рестрикциите, и потсетуваа на даденото ветување кое датира со децении, дека градоначалникот во чиј мандат ќе се реши проблемот со водата, ќе добие споменик среде плоштад од граѓаните.
Радоста не траеше долго, бидејќи рестрикциите повторно се вратија, и тоа среде најголемите горештини. Нема вода, нема ниту споменик за градоначалникот Тони Делков… Но, споменик не доби ниту неговиот претходник Ванчо Апостолов од редовите на ВМРО ДПМНЕ, кој уште во 2014 година победнички на неготинчани им соопшти дека доаѓа крајот на рестрикциите, бидејќи Неготино станува првиот град во земјата во кој се поставени уреди за хидраулично регулирање на притисок на водата, што овозможува секојдневно следење и мерење за рамномерен доток на водата за пиење.
Проектот изнесувал 20 милиони денари, обезбедени од општинскиот буџет, свечено беше пресечена лентата заедно со претставник на фирмата изведувач ИМГД од Самобор – Хрватска, но рестрикциите останаа. И претходникот на Апостолов, Пане Трајков, исто така на почетокот на својот градоначалнички мандат полн со оптимизам ветуваше решавање на проблемот. Санирање на водоводна линија на повеќе улици, реконструирање на водоводна и фекална мрежа за кои појаснуваше дека се инвестиција вредна пет милиони денари, обезбедени од Европската инвестициска банка преку Министерството за транспорт и врски, промена на водомерите, и низа на најавени проекти со цел да протечат чешмите, го одбележаа неговиот мандат.
-Ако се оди според планот, Неготино ќе добие вода за пиење 24 часа на ден, седум дена во неделата најдоцна до крајот на 2012 година – изјави градоначалникот Пане Трајков – бидејќи веќе е одобрена првата фаза од кредитот на познатата германска банка KWV со кој ќе се реконструира водоводната мрежа, ни изјави тој во далечната 2011 година.
Очигледно, не одеше се по планот… Десет години подоцна, се менуваат градоначалниците и партиите на власт, рестрикциите остануваат. Останува и разочарувањето на граѓаните, од кои повеќето дури и не веруваат дека некогаш во блиска иднина, ќе им се реши проблемот.
Вики Клинчарова