Ние сме земја членка на НАТО и мораме да имаме проактивна надворешна политика со соодветна процена на регионот во кој живееме. Во суштина, цела Европа го поздрави последниот преддлог за примирје во Украина со посредство на САД- решение кое соодејствува со содржината на Резолуцијата зад која застанавме и ние. Како Влада, ќе продолжиме да бидеме активен чинител, ќе продолжиме јасно да ги афирмираме нашите позиции и ќе работиме со ЕУ и САД, истакна министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Тој додаде дека ние не водиме натпревар со соседите, туку битка за афирмирање на нашите позиции. Воедно, потенцираше дека доколку претходните влади во изминатите седум години воделе ваква политика, немаше да бидеме во позицијата во која сме сега.
Во однос на прашањето со соседна Бугарија, тој го повтори очекувањето за дијалог помеѓу двете страни, притоа децидно нагласувајќи дека дијалогот со сите чинители ќе се води во насока на заштита на националните интереси на државата.
-Факт е дека уставните измени не се единствената билатерална пречка која го попречува нашето зачленување во Унијата, и тоа е нешто што за нас како држава не е прифатливо. Доста е со национални и идентитетски отстапки за полноправно членство во Унијата. Ние активно ќе продолжиме да ја убедуваме Бугарија дека нејзин интерес е да одиме напред кон Унијата, но и со нашите партнери ќе работиме на изнаоѓање компромисно решение кое на нас како држава ќе ни даде предвидлив пат и извесност за нашата стратешка цел – членство во ЕУ – рече Муцунски на Сител.
Тој говореше и за протестите во соседна Србија и изрази надеж дека протестите ќе завршат на мирен начин.