АРХИВА Досието „Злетовица” во монтипајтоновски стил: Како застаре случајот за „Силекс неметали“ ?

by fokus 00:10
00:10

Текстот е објавен на 20 јули 2012 година во неделникот „Фокус“ во бројот 890

Фирмата „Силекс неметали”, според официјален документ од Централниот регистар, е формирана од РИК Силекс во април 2006 година, со основачки капитал од 5.000 евра. Како тоа, за само една година можела да го стекне бараното искуство, остана нејасно. Мистерија остана и папката за случајот „Силекс неметали“ која од Антикорупциската комисија беше испратена во Обвинителството, од каде по неколку месеци констатираа застареност.

Пишувала: Јадранка КОСТОВА

Преродбениците се самоприкажуваат како чесни и одговорни. По правило, сите до еден се успешни менаџери. Посветени се 24/7 на работата, ем гинат за нацијата и државата. Демек, саде патриоти по душа и тело – до коска. Се добива впечаток, барем од нивните проповеди и платени реклами, засилени со врескањето на медиумската фаланга, дека сиот „џган” во државата е оставен да скапува надвор од елитното портокалово стадо. Кој не е со груевци, нешто му фали, да не речам фаличен е, дал во етиката, дал во квалитетите за успешно менаџирање на едикоја работа.

Арно ама, кога ќе се соочите со фактите, дека оваа суперсорта луѓе е главно распослана по државните и по јавните институции и претпријатија, што ќе рече – сѐ испообесени на државна цицка, тогаш може да ве навјасаат емоции, да ве заплисне нов бран со грижливи размисли – оти, бре, не се прошараат малку низ приватниот бизнис. Се разбира, без на ти го – дај ми го со народни пари. Онака, само поради љубов кон татковината,  да го олабават малку државното чекмеџе. Ем троа, како нас грешниците, да ги почувствуваат „пазарните” законитости на преродбеничката машинерија. Со тие квалитети, би требало ’ршум да направат, ем пара да згрнат!

Поводот и инспирацијата за ваквите грешни мисли ми дојде од Пробиштип, од ЈП ХС „Злетовица”. Едно кусо и сочно писание, насловено како демант, со најава за тужба на новинарот на „Фокус”, Младен Чадиковски. Насловот на текстот, велат, бил срочен без новинарска етика, ем тенденциозен и необјективен, додека раководството на „Злетовица” успешно менаџирала со ова јавно претпријатие. Тие успешни, а ние неетични!

„Демантот” е потпишан од Стојан Миланов, директор на ЈП ХС „Злетовица” од 29 ноември 2006 година, односно само неколку месеци по победата на Никола Груевски на парламентарните избори. Патем, тоа што Миланов е баџанак на Љубисав Иванов-Ѕинго, лидер на СПМ, партија која е дел од портокаловата коалиција, веројатно, согласно преродбеничкиот кодекс, говори дека е избран за таа функција поради своите менаџерски квалитети. Писанието, пак, во редакцијата го испрати Игор Манасов, вработен во „Злетовица”, нормално нели, и советник во општина Пробиштип, претседател на Триатлон федерацијата на Македонија, ем секретар на ОК на ВМРО-ДПМНЕ за Пробиштип. И без да нагласувам, јасно е дека станува збор за успешно етаблирани луѓе. Партиската припадност, скраја да е, дека била пресудна за ваквата нивна поливалентна ангажираност!

 

ДАНОЧЕН ДОЛГ ОД 20 МИЛИОНИ ДЕНАРИ!

 

А текстот во дневен „Фокус” се темелеше на конечниот Извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на „Злетовица”, патем распослан на 35 страници. За насловот „Сомнителни зделки во Злетовица”, деманторите ни префрлаат дека „понатаму во текстот не е спомната ниту една сомнителна зделка”, па констатираат дека сомнителни зделки „очигледно постојат само во свеста на новинарот”!

„Во делот на јавните набавки, ревизијата забележала дека при подготовката на тендерот за чистење на идната брана Кнежево биле изготвени две верзии на тендерска документација и распишани се два огласи за доделување договор за јавна набавка со отворена постапка, кои меѓу себе, во однос на ископот, речиси двојно се разликувале”, стоеше во текстот, но, ете, тука ништо да не ти било сомнително!

Во секој случај, дадени се повеќе забелешки од ревизорите, објаснети на 5 страници од Извештајот, со констатации од типот – „не е во согласност со член 99 од Законот за јавни набавки” или „не е постапено согласно член 48” од истиот закон, па не е во согласност „со членовите 5, 27 и 28 од склучениот договор”. На крајот, ревизорот ќе заклучи дека договорените работи не се целосно завршени, а не се доуредени и меѓусебните права и обврски со изведувачот, што, во услови на судска разврска, може да има влијание врз зголемување на трошоците на „Злетовица” на име судски трошоци и врз финансискиот резултат!

Но, нели, самите рекоа дека успешно го менаџираат јавното претпријатие, та и да има последици врз финансискиот резултат, не е страшно. Во успешниот дел, иако се е нели успех кај преродбениците, веројатно влегува и записот на ДЗР, дека јавното претпријатие „Злетовица” последниот ден од 2011 година, според состојбите во трговските книги има неплатен данок од над 20 милиони денари, со доминантно учество на неплатен ДДВ – околу 13 милиони денари, што создава дополнителни обврски за фирмата, но и потценување на буџетот на Македонија. Потоа по ставки, околу 2,6 милиони денари е борчот на име персонален данок од доход, додека за затезни камати за ненавремено плаќање на даноците отпаѓа околу 2,8 милиони, а точно 1 милион денари е долгот на ЈП „Злетовица” по данок од добивка. Уф, да не ја менаџираа успешно Злетовица, којзнае како ќе изгледаше даночната приказна на хидросистемот!

Малку се збунив, оти истовремено кога осамна ревизорскиот извештај за ова јавно претпријатие, на едно друго јавно претпријатие, за еден милион и 100 илјади денари УЈП им ја блокираше жиро-сметката. Но, тоа е ЈП „Градски гробишта” од Охрид, каде што, пак, на власт се сдсмовците. Нив, пак, нели, не им е во генот да ги бива за успешно менаџирање со јавни претпријатија. Сепак, побарав одговор од Управата за јавни приходи, кога последен пат биле во контрола на ЈП ХС „Злетовица”, но, и како ќе постапат со даночниот долг од 20 милиони денари? Да, ако за еден милион денари блокираат сметка, каков третман има едно јавно претпријатие со 20 пати поголема „дупка”? Ветија одговор за наредните денови, па, тогаш и ќе го објавиме.

ФИРМА ПОДОБНА ЗА ПОДЗЕМНИ РАБОТИ!

 

Нејсе, во оваа пригода само уште една ревизорска забелешка. Тимот од ДЗР констатира нецелосна усогласеност меѓу запишаната главнина на капиталот во Централен регистар и искажаниот износ во трговски книги на јавното претпријатие. Имено, околу 880 милиони денари недостасуваат во евиденцијата на Централниот регистар! Успешно?!

Но, нема врска, нели се успешни во менаџирањето на ЈП ХС Злетовица. „Фактот дека Фаза 1 од проектот „Злетовица” е изграден во рекорден временски период и веќе се почнати активности за реализација и на Фаза 2 наводнување и Фаза 3”, е наводот за кој во „демантот” си ја оценија за успешноста во менаџирањето и работењето на Злетовица”.

Меѓутоа, да не се почувствуваат дека тенденциозно се занемарени, вреди во оваа пригода, да си припомниме и за успешноста во менаџирање на овој проект и од страна на Министерството за земјоделие и од премиерот Никола Груевски.

Сѐ почнува со јапонскиот кредит од 70 милиони евра, изработен за време на претходната влада на СДСМ, а стокмен за финансирање на изградбата на хидросистемот Злетовица, што треба да обезбеди квалитетна вода за пиење за 100 илјади граѓани од источна Македонија!

По смената на власта, на почетокот од 2007 година, преку „Фокус” реагираше претставникот на турската фирма „Мапа Гунал”, која беше еден од двајцата понудувачи на тендерот за изградба на брана за „Злетовица”. Имено, победи конзорциумот Гранит – Бетон, а Турците обвинија дека „тендерот е наместен од политички причини”. Тезата им беше дека изгледа во конзорциумот Гранит – Бетон, со околу 50 отсто ќе учествува и РИК Силекс. Да, тоа е фирмата на лидерот на СПМ, Љубисав Иванов-Ѕинго, кој го лансираше Ацо Спасеноски на функцијата министер за земјоделство, а во чиј ресор потпаѓа и хидросистемот „Злетовица”, чиј пак директор стана социјалистот и роднина на Ѕинго, Стојан Миланов.

Сепак, во тоа време „Силекс” не се појавуваше никаде во документите за тендерот. Ќе се вклучи дури кон крајот на јануари 2007-та, кога конзорциумот со „Силекс Неметали” ќе потпише договор како подизведувач во целиот проект!

Арно ама, „Фокус” на 20 јули 2007 година објави писмо од 28 мај 2007 година, со кое лидерот на тимот консултанти, Јоаиро Имазава, не одобрува фирмата „Силекс неметали” да биде подизведувач во проектот со браната, затоа што од документите кои ги имал на увид, видел дека нема било какво искуство, потребно за вршење подземен ископ за преливен тунел и шахта. Но, по само еден месец, на 2 јули 2007 година, тогашниот министер за земјоделство, а денес амбасадор во Украина, Ацо Спасеновски, ја потврдува подобноста на кратовската фирма да биде подизведувач за браната!

 

ЌЕ ЗАВРШИ УБАВО – ЌЕ ЗАСТАРИ!

 

Пред две години објавивме уште еден податок, дека фирмата „Силекс неметали”, според официјален документ од Централниот регистар, е формирана од РИК Силекс во април 2006 година, со основачки капитал од 5.000 евра. Како тоа, за само една година можела да го стекне бараното искуство, остана нејасно. Како министерот Спасеновски дошол до референците за номинираниот произведувач, каде се сертификатите кои ги бараат консултантите или кои биле адутите на Спасеноски, што од писмениот налог во сите девет реда не се гледаше, остана мистерија!

Уште една првично шпекулација, потоа се потврди во живо ем на хартија. Нашите извори уште тогаш тврдеа дека бизнисот на „Силекс” ќе го работи фирмата „Макметал” од Свети Николе. „Фокус” дојде до документ, според кој, уште во февруари 2008 година, „Макметал” бара интервенција од странскиот консултант – „да им се исплатат трошоците од близу 196 милиони денари”. Притоа се нагласува: „Во 2007-та, очевидци сте дека на браната Кнежево работеше само Макметал”. Остана нејасно вклучувањето на „Макметал” во целава операција и колку добива „Силекс Неметали” од целата работа?

Потоа се огласи и поранешниот социјалистички пратеник Зоран Витанов, со тезата дека „подизведувач на подизведувачот не си ги добил парите за изработеното од „Силекс неметали”. Изјави дека по Законот за перење пари, подизведувачот не смее да ангажира подизведувач за иста дејност, особено кога се работи за тендер распишан од страна на државата, буџетски корисник”. Уште повеќе, ќе раскаже дека документите од ова досие, што ги добил од Минчо Јорданов (газдата на „Бетон”, една од двете градежни фирми избрани да го градат хидросистемот), му ги презентирал лично на премиерот Груевски. Но, според неговата верзија, премиерот бил изненаден „што се дрзнал да отвора афера против сопствениот лидер”!

Три години откако „Фокус” ги пласира првите сомнежи, се анимираше и опозицијата, па папката стигна до Антикорупциската комисија. Илми Селами како прв човек на оваа комисија, го испрати случајот во Обвинителството. Од таму, по неколку месеци констатираа застареност. Ете, тивко и незабележано поминало менувањето на законот, со кој се намалил бројот на годините за застареност. А, ако злоупотребите застаруваат по три години, тоа значи дека нема казни за криминалот што секоја власт ќе го направи во првата година од мандатот!

И, еве сме во сегашно време, со најновиот извештај од ревизијата. Рака на срце, од долу до врвот, навистина успешно менаџираат со процесите. Уф, да не пропуштам – И според етички стандарди!

Поврзани новости