Досие „Гонети функционери“: Заштитени бели мечки или дивеч за отстрел?

by fokus

И претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а и актуелната на СДСМ тврдеа дека борбата против корупцијата ќе им биде една од главните цели и дека никој нема да биде поштеден.

Но, каков третман добиваат високите државни функционери против кои се отвораат судски предмети кога „нивните“ се на власт?

И дали функционерите се гонат по заслуга или борбата против корупцијата се злоупотребува и за пресметка со неистомислениците во своите партиски редови?

Во продолжение, направивме листа на најпознатите гонети функционери во време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, како и во време на актуелната влада предводена од СДСМ.

РЕКЕТ ИЛИ МИТО?

Прв висок функционер кој беше уапсен во време на владата на Никола Груевски беше градоначалникот на Аеродром, Кирил Тодоровски.

Во 2008 година тој беше уапсен поради примање поткуп од 100.000 евра.

Според обвинението, Тодоровски од инвеститор, кој барал дозвола за изградба на градежен објект кај средното хемиско училиште, побарал 100.000 евра како подарок, наводно, за доизградба на црква.

Во текот на процесот, Тодоровски тврдеше дека е невин и дека го наместиле. Тој објасни дека инвеститорот донирал 100.000 евра за црквата и за тоа бил склучен договор за донација.

Судската голгота на Тодоровски траеше 10 години, во кои предметот неколкупати беше враќање на повторно судење.

На крајот, поранешниот градоначалник на Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ помина три години зад затворски решетки.

Тодоровски тврдеше дека целиот случај против него е монтиран, а проблемот настанал кога тој одбил да вработува партиски кадри и да дава општински пари за партијата.

Ване Цветанов е еден од ретките кој може да се пофали дека бил гонет и во време на ВМРО-ДПМНЕ и во време на СДСМ.

Тој си замина од директорската позиција во Агенцијата за спречување на перење на пари во 2010 година, настан кој беше кулминација на несогласувањето помеѓу него и премиерот Груевски.

ГОНЕТ И ОД ВМРО И ОД СДСМ

Во 2013 година, Цветанов беше уапсен како дел од акцијата „Шпион“. Наредната година беше прогласен за виновен и осуден на три години затвор за делата злосторничко здружување и злоупотреба на државна, службена или воена тајна.

Судот не го осуди Цветанов за шпионажа, бидејќи Јавното обвинителство во завршен збор го повлече обвинувањето за тоа кривично дело.

Во 2016 година Апелациониот суд ја преиначи казната, со што Цветанов беше осуден на условна казна затвор од 2 години, која нема да се изврши ако обвинетиот во рок од 5 години не стори ново кривично дело.

И таман изминаа овие пет години, минатата недела Цветанов доби нова кривична пријава, овојпат од МВР на Оливер Спасовски.

Имено, тој се сомничи дека како претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата од 2021 до 15 март годинава сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и прибавил противправна имотна корист во вкупен износ од 75.722 евра.

Цветанов го отрфла овие обвинувања и вели дека ова со прави со цел прикривање на високата корупција.

Тој обвинува дека државата е окупирана и заробена од различни лоби групи кои имаат еден интерес, да имаме слаби и нефункционални институции, за да може да цвета високата корупција.

Вели дека СДСМ го блокирала развојот на Советот за унапредување и надзор на ревизијата.

ЦЕЛАТА ЛИСТА НА ГОНЕТИ ФУНКЦИОНЕРИ МОЖЕ ДА ЈА ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ „ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Катерина Смилева Божиновска

 

Поврзани новости