Само за една недела се регистрирани нови 2.704 позитивни случаи на ковид 19 во 33 града во државата, што покажува зголемување од 22 проценти во однос на минатата недела, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.
„Се забележува зголемување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително зголемување кај возрасната група од 0 до 9 година и тоа 72 проценти повеќе во однос на претходната недела – се наведува во извеѓтајот на ИЈЗ.
Според податоците, само за седум дена починале 79 лица од опасниот вирус, од кои најмногу починати се регистрирани во главниот град. Повеќето починати се над 60 години, додека од 50 до 59 години се регистрирани четворица случаи, а за еден помалку починале кај возрасната група од 40 до 49 години. Исто така, смртни случаи последната недела се регистрирани и кај млади лица до 30 години и тоа двајца починати.
Во извештајот уште се наведува дека од самиот почеток на ковид пандемијата, па се досега се регистрирани 4.155 случаи на заболени деца до 9 години.
Сепак, мора да нагласиме дека тоа се официјални податоци, кои излегуваат од министерството за здравство, односно сите оние кои отишле во државните и приватните лаборатории да се тестираат, па се ставени на списокот како носители на заразниот вирус. Тука не влегува бројката на оние пациенти, кои воопшто не се тестираат, а се заразени од корона, како и на оние кои на своја рака се тестираат со тестови во аптека, без да влезат во официјалните бројки на заболени.