Досега се издадени 13.000 нови лични карти

by fokus

Издавањето на новите лични карти се одвива нормално и досега се издадени 13.000 од овие лични документи, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Издавањето тече нормално, испечатени се повеќе од 13 илјади досега, се работи, така што ние очекуваме најмногу две недели да трае целиот процес на печатење на оние коишто практично чекаа на одобрување и на печатење, меѓутоа, секако доколку успееме да го забрзаме тој процес и тоа ќе го направиме. Ние сме во постојан ангажман на вработените и според новиот начин на работа, така што ќе направиме се што е можно побрзо да ги добијат и оние лица коишто чекаа на одобрување, меѓутоа секако и редовно да тече издавањето на новите, рече Спасовски на новинарско прашање во врска со надминувањето на проблемот што го имаа околу 40 000 граѓани со истечени лични карти заради блокирањето на новиот Закон за лични карти од страна на Левица со голем број амандмани.

За издавањето на регистерски таблички со новата ознака НМК, министерот за внатрешни работи кажа дека тие веќе се издаваат согласно уставните амандмани и уставниот закон.

– Ние издаваме таблички коишто се со новата ознака така како што е предвидено и тие ќе бидат заменувани кога ќе дојде моментот. Значи, имаме период најмногу за пет години за да биде извршена целосната замена, нагласи Спасовски.

Поврзани новости