Досега починале 4,7 милиони луѓе од Ковид-19 во светот

by fokus

По повеќе од 20 месеци пандемија, во светот досега од Ковид-19 починаа повеќе од 4,7 милиони луѓе (4.788,874), додека над 200 милиони (232.931,655) се заразиле, од кои 90 отсто. Активни се над 18,5 милиони случаи, од кои над 92.000 се однесуваат на пациенти кои се во тешка здравствена состојба. Од последици на Ковид-19 досега починаа околу 2,04 отсто од сите регистрирани случаи.

Од почетокот на јули почна сериозно да се зголемува бројот на нови случаи, што се припишува на позаразната делта варијанта. На овој сој се должи е намалувањето на бројот на оздравени од инфекцијата, кој само до пред еден месец изнесуваше околу 92 отсто. Во последната седмица се забележува мало забавување на пандемијата, што според дел од експертите, може да се објасни со тоа дека пандемијата го достигнала платото. Сепак тие додеваат дека не може да се предвиди до кога ќе трае овој тренд со оглед на појавата на нови варијанти на вирусот.

САД и натаму се лидер во светот според бројот на заразени. Таму досега се регистрирани 43.840,163 случаи, при што има над 38.000 нови случаи. Во таа земја од последиците на овој вирус починаа над 707 илјади луѓе. САД се лидер и кога станува збор за активни случаи, со над 9,8 милиони инфекции во моментов. Потоа следува Индија, каде се чини конечно е ставено под контрола ширењето на коронавирусот. Во земјата досега се регистрирани над 33,6 милиони случаи, од кои 32,9 милиони оздравеле, а 447.362 починале. На трето место е Бразил, каде ситуацијата со коронавирусот и натаму е многу тешка. До моментов во таа земја се регистрирани над 21,3 милиони случаи, од кои 594.652 починале.

По овие три држави, но со огромна разлика меѓу нив кога станува збор за заразени лица се Велика Британија, Русија, Франција, Турција, Иран, Аргентина и Колумбија. Потоа следуваат Шпанија, Италија, Индонезија, Германија, Мексико, Полска, Јужна Африка, Украина, Филипини, Перу и Малезија.

Што се однесува до смртноста на милион население, на прво место е Перу, а на второ е Босна и Херцеговина. Близу се и Северна Македонија, Унгарија, Црна Гора и Бугарија.

На спротивниот пол се земјите од Западна Европа. Бидејќи вакцинацијата напредуваше брзо, бројот на жртви таму нагло се намали. Најдобар пример за ова е Британија, каде што има огромен пад на смртни случаи. Од почетокот на март, имаше само еден ден во кој беа пријавени повеќе од 200 смртни случаи. Нешто повеќе, во јануари беа регистрирани над 1.800 смртни случаи за едно деноноќие, што е повеќе од 10 пати од нивото забележано во последните месеци. Слична е ситуацијата и во Франција, Шпанија, Италија и Германија.

Но, вакцинацијата не се одвива со иста брзина во светот, па најсиромашните земји се многу потешко погодени. Пандемијата на коронавирус ја влоши и онака мрачната економска перспектива за најсиромашните земји во светот и многумина веројатно ќе се борат со пандемиската криза со години, предупредија претставници на Обединетите нации.

Поврзани новости