Истече дополнителниот рок во кој можеше да се комплетира потребната документација за барањата за легализација на дивоградби поднесени до општините во тек на 2011 и 2016 година.
Некомплетните барања за легализација, претежно со геодетски елаборат, беа причина за воведување на новиот рок, кој завршува денеска, со последните измени на Законот за третман на бесправно изградени објекти од декември лани, а со кој се овозможи и дополнителен, трет рок, за поднесување барање за легализација, од јануари до крајот на годинава.
Како што информираат за МИА од Агенцијата за катастар на недвижности, со процесот на легализација што стартуваше во март 2011 година, заклучно со 31 мај годинава легализирани се 202.110 дивоградби и се впишани во Катастарот. Поединечно по градови, во Скопје биле впишани 65.420 бесправно изградени објекти, во Прилеп 14.554, Битола – 11.679, Куманово – 9.901, Струмица – 9.227…
Во Катастарот од почетокот на годинава се примени 508 барања за изработка на геодетски елаборати за легализација за примателите на социјална помош. По тој основ, во претходните рокови беа доставени 8.282 барања.