Околу 400 решенија за домашна изолација досега има здадено Државниот здравствен и санитарен инспекторат, дознава „Фокус“.
Според нашите информации, засега домашната изолација им поминала на вкупно 11 пациенти, односно на оние кои биле во комбето со првата пациентка, која што се зарази од опасниот корона вирус.
Таа денеска треба да биде пуштена на домашно лекување, откако веќе три недели помина на Клиниката за инфективни болести.
Овие денови изминуваат тие 14 дена инкубација за пациентите кои се под куќен надзор, односно на оние кои биле во контакт со директорката на скопската Клиника за кожни болести, Нина Цаца Биљановска, како и на нивните семејства. До неделата на сите нив треба да им помине домашната изолација.
Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција истакна дека досега ниту една од лицата кои биле во контакт со директорката не покажале никакви симптоми.
Директорката Биљановска пред десетина дена се вратила од скијање во Италија и венаш почнала со работа на Кожната клиника и покрај симптомите на крона вирус. Таа не сакала да пријави во ресорното министерство, но затоа пак дел од нејзините колеги со кои веќе била во контакт пријавиле. Таа, исто така држела и предавање на 103 лекари на Симпозиум во скопскиот ресторан „Рагуза“, ден пред да биде хоспитализирана.
Биљановска во моментот се наоѓа на скопската Клиника за инфективни болести, а нејзината здравствена состојба е стабилна.
Во земјава до сега има регистрирано 18 лица заразени од коронавирус, од кои 13 се хоспитализирани на Инфективната клиника, а петмина се во болницата во Дебар.
Ирена Мулачка