Вкупно 71 општина, со околу 330 предлог проекти аплицирале досега на јавниот повик за финансирање на проекти од инфраструктурен карактер кој што е наменет за сите единици на локална самоуправа во висина од шест милијарди денари, средства обезбедени согласно ребалансот на Буџетот.
Како што информираше министерот за локална самоуправа, Златко Перински, се чека на апликациите кои биле испратени по пошта, за да може во целост да се затвори јавниот повик.
– Морам да изразам огромно задоволство затоа што интересот беше навистина голем. Практично, мислам дека и нема да остане ниту една општина која што нема да аплицира за овие средства и ова само ни ја потврдува политиката на Владата дека навистина на локалните самоуправи им треба помош и интервенции од страна на централниот буџет за да им се постави основата т.е. оние проблеми што ги имаат со инфраструктурата во иднина да се коригираат, да се санираат и навистина да изградиме на еден начин модерни услови за живеење во рамки на целата територија на Република Македонија, рече министерот Пирински во изјава за медиуми пред настанот за нула цврст отпад во Општина Аеродром.
Информираше дека по затворањето на повикот, има десетдневен рок каде што локалните самоуправи треба да ги достават предлог-проектите во целост со пропратната документација како што се одобрение за градба до ресорните министерства и потоа почнува процесот на евалуација за кој ресорните министерства формираат евалуциски комисии.
Перински рече дека основната замисла на јавниот повик не е да се набавуваат основни средства, туку да се интервенира во инфраструктурата
– Поентата на овој јавен повик беше онаму каде што самите локални самоуправи немаат доволно средства да инвестираат во подобрување на водоводната, канализационата, патната инфраструктура, во делот на образованието тоа да го направат преку оваа можност која што им ја даваме преку централниот буџет. Тоа е главната и основна замисла на проектот, рече тој.