Досега 20.000 украински бегалци пристигнале во Бугарија

by fokus

Од почетокот на руско-украинската војна во Бугарија пристигнаа 20.000 бегалци од Украина, денеска  соопшти бугарската гранична полиција.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, во последните два дена има зголемување за 3.000 бегалци од Украина во Бугарија.

Волонтери од Русе му помагаат на бугарскиот Црвен крст да ги пречека бегалците на мостот Дунав.

Олена Димитрова, претседателка на бугарско-украинското здружение „Добруџа-Украина“ во градот Добрич на бугарско-романската граница, предвидува дека доколку се отворат хуманитарни коридори, бројот на украински граѓани кои сакаат да ги напуштат воените зони значително ќе се зголеми.

Украинците кои долго време се имаат населено во Бугарија им помагаат на своите сонародници кои бегаат од руската агресија да ги добијат сите можни средства за егзистенција.

За нив има отворена и хуманитарна СМС линија, една СМС порака е 10 евра, а овие средствата ќе се користат за помош на пристигнатите бегалци од Украина.

Невладините организации очекуваат во следните денови да дојде до зголемување на бегалскиот бран кон Бугарија. Регионалните гувернери и претставниците на општините во северна Бугарија ги разгледуваат условите за сместување на украинските граѓани кои бегаат од војната.

Поврзани новости