Министерството за надворешни работи информираше дека денеска се организира четврти по ред хуманитарен конвој, овојпат од Босна и Херцеговина и Црна Гора, со што во земјава ќе се вратат вкупно 64 македонски граѓани со 19 возила. Исто така, вратени се и 130 македонски граѓани со чартер лет од Лондон.
Во изминатите неколку дена, во соработка со министерствата за надворешни работи на повеќе држави и во координација со нашите дипломатско-конзуларни претставништва, на 30 наши граѓани од САД и Австралија им беше обезбедено непречено да транзитираат низ неколку држави со цел да дојдат до финалната дестинација, аеродромите во Софија и Солун.
-Со ова, вкупниот број на репатрирани граѓани во нашата земја, заклучно со денес е 2431. Министерството за надворешни работи упатува благодарност кон надлежните власти во Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Швајцарија, САД, Австралија, Холандија и Велика Британија за соработката и обезбедување непречен транзит, како и за целокупната поддршка во овие отежнати околности. МНР продолжува со напорите за враќање во земјава на затекнатите македонски граѓани во странство; во следните денови предвиден е и чартер лет за репатријација од Белгија и Франција, соопшти МНР.