Министерството за правда периодов работи на формирање и почнување со работа на двете работни групи: едната за реформи во изборното законодавство, а другата за амандманите за уставните измени. Втората е веќе екипирана и првата седница ќе ја одржи наредната недела.
На прашање на „Фокус“ дали членовите на двете работни групи ќе добиваат паричен надоместок и доколку да, како тој ќе се пресметува, од Министерството за правда кусо одговараат дека прашањето на финансиските надоместоци дополнително ќе се дискутира.
Во работната група за реформи во изборното законодавство ќе има претставници од СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците, БЕСА, Алтернатива, Левица, Демократски сојуз.
Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ која одби да номинира свој преставник, од Министерството велат дека очекуваат и тие да предложат свој претставник со оглед на тоа што на средбата која неодамна се одржа во Собранието на која присуствуваа министерот за правда Кренар Лога и координаторите на политичките партии, од страна на ВМРО ДПМНЕ беше посочено дека тие се заинтересирани за измените на Изборниот законик кои се однесуваат на имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Во работната група покрај претставници на партиите ќе има и членови од МВР, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и администрација, МОСТ, Цивил, Полио плус, УВМК, Државен завод за статистика, Централен регистар, Управен суд, Државна изборна комисија, Национален демократски институт, Здружение на новинари на Македонија и Самостоен синдикат на новинари на Македонија.
Работната група треба да ја одржи првата констититутивна седница во текот на наредната недела каде ќе се утврди начинот и методологијата на работа.
Катерина Смилева Божиновска