Дополнителни два денари за лозарите, тие очекувале повеќе

by fokus

Дополнителни два денари поддршка ќе добијат лозарите за предадено грозје во регистрирани капацитети, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Ова е договорено, како што рече, на денешната средба со лозарите и претставниците на винарските визби на која присуствуваше и премиерот Димитар Ковачевски.

-Оваа одлука значи дека на историски највисоките откупни цени што се постигнаа, се додаваат плус два денара за секој килограм откупено грозје. Оттука, цената на „смедеревката“ ќе биде 15 денари, а на „вранецот“ 17 денари. Ако на ова се додадат субвенциите од 40 000 денари за одржување на лозовите насади, постигнатата цена на грозјето е 18 за „смедеревка“ и 20 денари за „вранец“, истакна Николовски.

Покрај оваа поддршка, дополни министерот, е воведена и нова мерка за зелена нафта 4 300 денари за хектар. Ова е рекорд и сериозна поддршка на секторот.

Според лозарот Трајче Кулев, производителите очекувале поголема поддршка, но сепак, задоволни се и со овие два денари.

-Не е ова очекуваната цена за „вранецот“ и „смедеревката“, но задоволни сме зашто се најде решение за помош на лозарите со дополнителните два денари. Со тоа ќе ја ублажиме нашата мака. Со 15 денари за „смедервка“ и 17 за „вранец“ ќе се ублажи ударот. За дополнителните два денари поддршка се издвојуваат четири милиони евра од Буџетот што не е мала сума, рече Кулев.

Поврзани новости