Дополнителен час во дневна евтина тарифа нема да има до крајот на оваа година и покрај тоа што цената на електричната енергија во периодот од 12 до 16 часот е најевтина на берзите.
Анализите кои ги направила Регулаторната комисија за енергетика со податоци од 2021 до септември 2024 година покажале дека услови во првите три години немало, а во периодот од јануари годинава до септември имало тренд од најниски цени во секој час од 12 до 16 на берзата ХУПЕКС во Унгарија кои во просек биле под 50 евра за мегават/час.
– Но, кога разговаравме за воведување на евтина тарифа, за жал од 20 до 24 часот, цените се убедливо високи во сите останати периоди и во евтина и во скапа тарифа. И доколку би го следеле пазарот, воведување на евтина тарифа би било од 12 до 16 часот, но ќе треба оваа евтина тарифа од 22 до 24 часот да се укине.
Ние како РКЕ од воведувањето на евтината дополнителна тарифа нема да се откажеме, но не сакаме да предизвикаме дополнителни проблеми во ЕСМ затоа што зголемената потрошувачка во дневна евтина тарифа ќе треба да се надомести од некаде. Разговаравме со ЕСМ и со ЕВН Хоум, немаат забелешки и тие се за дополнителен час евтина тарифа, заеднички заклучивме дека ќе ја следиме сутацијата имајќи предвид дека ќе имаме сериозни најави за зголемување на електирчната енергија од јануари – истакна претседателот на Регулаторна, Марко Бислимоски.
Регулаторната комисија е за воведување на дополнителен час евтина тарифа преку ден, но не сака да влијае врз процесот на стабилизирање на секторот електрична енергија кој беше во голема криза од 2021 година наваму, односно не сака со нови одлуки уште повеќе да ја влоши финансиската ситуација, па ќе почека ЕСМ да се консолидира.
– Ние сме единствена земја во регионот со евтина енергија преку ден и верувам дека ќе воведеме дополнителен час кога ќе се создадат услови. Ако ја прекинеме евтината струја од 22 до 24 часот, нема да биде прифатено поради навиките на граѓаните. Реално ако тие ги ставиме во скапа тарифа, граѓаните ќе имаат помалку бенефит – додаде Бислимоски.
Орце Костов