Дoоста е, претеравте: КСС излегува на протест во 16 часот, работничките права се на најниско ниво

by Fokus

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија денеска од 16 часот излегува на мирен протест. Протестот започнува од бул. Гоце Делчев спроти МРТ кон Собранието, а потоа продолжува и завршува пред Влада.

– Протестот ќе се одржи со автомобили со цел почитување на мерките за заштита од Корона вирусот и за заштита на безбедноста и здравјето на учесниците. Сакаме да истакнеме дека, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија во изминатиот период се обидува да воспостави социјален дијалог со надлежните претставници на министерствата и државните органи со цел разрешување на одредени проблеми кои ги засегаат вработените, како и да укажеме на почитување на законите и колективните договори кои подолг период во континуитет се прекршуваат. Исто така истакнуваме дека работничките и човековите права се прекршуваат дури и за време на пандемијата кога луѓето се во ранлива економска и здравствена состојба, велат од конфедерацијата.

КСС посочи дека нивни легитимни синдикални барања кои ги поставиле се следните: почитување на законите од областа на трудовото право, барање за неодложно постапување на институциите при прекршување на законите, да се запре притисокот врз синидикалното организирање и синдикалните лидери.

– Сите овие барања и активности се во насока на подобрување на социо-економскиот статус на нашите членови и на сите работници во нашата држава. Ги повикуваме сите активно да се вклучите во овој протест, а со цел да се чуе гласот на работниците и гласот на синдикатот и да се принудат надлежните претставници од Министерствата и другите државни институции да започнат социјален дијалог со нас со цел подобрување положбата на сите работници, додаваат од КСС.

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура– СОНК, како грански синдикат и член на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, истакна дека ќе земе активно учество на протестот.

-СОНК ги поддржува барањата на најголемиот синдикат во јавниот сектор и смета дека заради немање слух на надлежните, односно на социјалните партнери на сите нивоа, заштитата на сопствените интереси, во согласност со законите и колективните договори, мора да ги бара преку искажување на јавно незадоволство, односно преку предупредувачки протест, истакнаа од СОНК.

Поврзани новости