Општина Кавадарци со поддршка од бизнис секторот обезбеди ротациски светла, кои им беа донирани на голем број на трактористи во градот. Проблемот со тракторите со неисправна светлосна сигнализација, посебно задна сигнализација, секоја година, во тек на сезонските земјоделски работи од март до октомври, е причина за бројни сообраќајни несреќи.
Секоја година во Тиквешијата се случуваат десетици сообраќајки, во кои неретко има и човечки жртви, бидејќи голем број на трактористи возат без исправни задни светла.
Поради тоа, градоначалникот Митко Јанчев истакна дека се решиле да ја спроведат оваа донаторска акција, во која поделиле 100 ротациони светла, со цел дека и останатите трактористи ќе си обезбедат од истите, во име на нивната, но и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.
-Општина Кавадарци заедно со Полициската станица ќе биде иницијатор за дополнување на законот за сообраќај, за секоја земјоделска или работна машина задолжително поседува и задолжително има вклучено рото светло, за да не ги загрозува останатите учесници во сообраќајот, и да не дојде до немили настани- порача градоначалникот.
Оваа акција беше поздравена од кавадарчани, а неготинци прашуваат кога и кај нив ќе се превземат слични мерки. Граѓаните со години наназад редовно апелираат да се среди проблемот со тракторите, бидејќи станува збор за земјоделски крај, а вистинска реткост е да се забележи трактор со исправна задна светлосна сигнализација. Многу од нив имаат прикачено и плугови, големи приколки и други земјоделски додатоци, па оние кои сведочеле на таква сообраќајка, кога возило удрило во задниот дел на неосветлен трактор, велат дека последиците се страшни.
И во Неготино со години наназад се апелира да се стави ред во овој дел, односно да се вршат редовни контроли на тракторите, бидејќи се работи за сериозен прекршок кој ги загрозува животите не само на трактористите, туку и на сите учесници во сообраќајот, но резултати нема.
,,Фокус” во повеќе наврати објавува текстови на темата, како и реакции на граѓани кои појаснуваат дека трактористите тргаат на поле во раните утрински часови, кога се уште не е разденето, а се враќаат навечер, кога ќе падне мрак, со што претставуваат темпирана бомба на патиштата.
-Доаѓа возило од спротивен правец, те осветлува, посебно на кривина, и воопшто не може да се види дека пред тебе има трактор, управуван без никаква задна светлосна сигнализација. Не се работи за голема сума на пари, за да се поправат светлата, но едноставно така свикнале трактористите, не мислат на безбедноста, а очигледно и дека надлежните служби ниту ги исклучуваат од сообраќај, ниту пак ги казнуваат. Сите сме на ризик – раскажуваа неготинци минатата година, откако во општината се случија неколку сообраќајки, токму помеѓу патнички возила и трактори без светлосна сигнализација.
Прогледувањето низ прсти и неказнивоста се очигледно најголемата причина за несовесното управување со тракторите. Пред 15 години јавноста сведочеше на најмасовната регистрација на трактори во градот, откако полицијата спроведе акција, во која секој трактор беше запрен и беше проверена неговата исправност.
Како потсетување, во 2009 година во Неготино започна масовна акција за проверка на секој трактор кој се движеше во градот, и сите неисправни земјоделски машини беа отстранувани од сообраќајот. Тогаш се случи и најмасовната регистрација на трактори, бидејќи трактористите соочени со законски казни, беа принудени да ги поправат фаровите и сите неисправни делови, и да ги регистрираат тракторите.
Од Станицата за технички преглед во градот тогаш ни изјавија дека била забележана рекордна регистрација на трактори, како што никогаш во минатото не се случило.
-Поради голема навала се случи дури и да останеме без регистарски таблички, но набргу ни стигна нова пратка. Ова е прв пат по околу дваесеттина години да правиме прегледи на трактори и истите да се регистрираат, и акцијата на полицијата се покажа како успешна, ни изјавија пред 15 години од Станицата за технички преглед во Неготино. Таа година значително се намали и бројот на сообраќајни несреќи предизвикани поради неисправни трактори.
Но, веќе наредната година, трактористите продолжија со старите навики, и реткост е да се забележи осветлен трактор во општината.
Вики Клинчарова