Викендов во главниот град ќе се одржи фестивалот „Звукот на Скопје“, кој започнува во петок и во текот на двата фестивалски дена ќе претстави повеќе популарни уметници од земјата и странство.
На 16 септември ( петок) на платото пред Филхармонија ќе се одржи концертен настап на Дина Јашари, бендот „Хајка“, а потоа и на евровизиската претставничка на Србија, Констракта заедно со нејзиниот бенд „Земља Грува“. Со секое донесено пластично шише или лименка си обезбедувате влез на овој настап, велат од Пакомак, кои се надеваат дека еко-влезницата ќе биде и поттик за луѓето да размислуваат и делуваат во корист на животната средина.
Првата вечер од фестивалот е во знакот на екологијата и поттикнувањето еколошки навики кај граѓаните. Целта е селектирањето на отпадот да биде дел од нашето секојдневие, од нашиот животен стил, а во функција на здрава и чиста животна околина.
Истиот ден како дел од фестивалот низ чаршијата ќе бидат бендот „Вива стрингс“ и германскиот бенд „Дијаз војтас дуо“ ( Diaz Wojtas Duo), а во галериите на КИЦ ќе може да се погледне изложбата „Македонија“ (MASEDONIA) од бразилските уметници Даниел Kастинет ( Daniel Chastinet) и Вилсон Нето (Wilson Neto).
Плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред зградата на Филхармонија, паркот Ибни Пајко и неколку други места во чаршијата и следниот ден ќе бидат локациите на кои ќе се одржат музички настапи, изложби, театарски претстави, поетски читања.
„Љубојна“, Тони Китановски и Черкези, „Бла, бла, бла“, „Foolish Green“, „Брука бенд“ ќе настапат на плоштадот „Мајка Тереза“ (пред Филхармонија), а во паркот Ибни Пајко ќе се претстават бендовите „Баклава“, Дориан и Добрила, „Перија“. Во рамките на таа сцена ќе се одржи и поетско читање, ќе биде изведена и детската претстава „Куферко, светскиот патник од Македонија“, а публиката ќе има можност да ја погледне и изложбата на колажи на Игор Калц.