Со 65 гласа „за“ денеска Собранието го изгласа Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем од половина милијарда евра од унгарската Влада.
Во текот на општиот претрес за законот на продолжението на 14. седница опозицијата обвини дека договорот за заемот е направен зад затворени врати, со крајно сомнителни намери и носи огромни политички и економски последици со енормно зголемување на јавниот долг. Наспроти нив, од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека постапката е транспарентна и оти првпат има заем за кој однапред се знае за што ќе биде потрошен иоти ќе се помогне на општините и на стопанството.
Заемот од Унгарската експорт – импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.