Ефектите од намалувањето на цените на прехранбените и земјоделските производи ќе се видат до крајот на октомври или почетокот на ноември со спроведувањето на Законот за нефер трговски практики.
Законот беше донесен кон крајот на месец март и изготвен од претходната Влада на СДСМ и на ДУИ, но се остави простор на добавувачите да се адаптираат на новите правила кои произлегуваат од него.
Со Законот за нефер трговски практики, рабатот ќе биде ограничен на 5 проценти и останатите трошоци, како што се маркетниг, рекламирање на производите, работниците ангажирани околу тие производи во маркетите, ќе биде ограничено на 5 проценти, или вкупно околу 10 проценти ограничувања. Ставовите се усогласени со стопанските комори, а спроведувањето на законот ќе го контролира Комисијата за заштита од конкуренција.
Во меѓувреме се променуваат договорите меѓу производителите и добавувачите од една и трговците од друга страна за ограничување на рабатот на 10 отсто што ќе ги намали цените на 2547 земјоделски и прехранбени производи опфатени со Законот.
Законската обврска на производителите и добавувачите со трговците да ги променат договорите беше до 28 септември, освен договори кои имаат рокови и ќе траат додека е нивната важност. Потоа ќе се променат според новите правила и регулативи во Законот за нефер трговски практики.
Законот се спроведува по европска директива, а за првпат се спроведува во Македонија, и воопшто, во земја од Југоисточна Европа.
Професорот по економски науки од Правниот факултет во Скопје, д-р Ванчо Узунов коментирајќи ги за „Фокус“ мерките на Владата за ограничување на маржите на околу 100 производи во есенската кошница, рече дека треба да се напушти праксата за носење краткотрајни мерки кои имаат моментален ефект и да се носат системски трајни решенија во економијата.
Според него, проблемот со цените е предизвикан од злоупотребата на доминантната позиција на пазарот и тој може да се реши со ефикасно спроведување на Законот за нефер трговски практики.
– Во Македонија, инфлацијата се смири затоа што во светот се смирија цените и поради монетарната политика која полека попушта но тоа ќе го почуствуваме на долгорочен план.
Кај нас буквално поради нефер трговските практики е растот на цените. Нема друга основа, во други земји нема веќе инфлација. Се смирија цените, нема раст, цените не се вратија назад меѓутоа не растат понатаму.
Ако се спроведе законот како што треба, буквално онака бесмилосно со контроли, ќе даде ефект затоа што и во други земји дал ефект.
Кај нас е буквално злоупотреба на несовршена пазарна позиција, на доминантна позиција и тоа се вика нефер трговска практика. Тоа е решението. Трговците сигурно ќе се бунат, но владата мора да си одреди приоритет. Сега, имаш нефер практики, а владава не знае што да прави: не сака да ги казни трговците односно да ги дисциплинира, а од друга страна има притисок од граѓаните бидејќи велат „сме за народот“. Сега фатени во сопствено менгеме не знаат каде тераат, а во средина е најлошото – коментира професорот Ванчо Узунов.
Орце КОСТОВ