Дончев за „Фокус“: Си поднесов оставка, повеќе не можам да кажам, чекам да заврши владината седница

by Fokus

Се уште актуелниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев во изјава за „Фокус“ потврди дека си поднел оставка од директорското место во Фондот за здравство, каде што беше три години, поточно од 2017 година.

„Точна е информацијата дека си поднесов оставка. Чекам да заврши владината седница за да се одлучи. Веќе нагласив дека се работи за семејни и здравствени причини. Повеќе не можам да кажам – истакна Дончев.

Тој пред три години во интервју за „Фокус“ тврдеше дека фирмата на кумот на Никола Груевски увезувала фалсификувани лекови од Турција.

„Турската полиција уште пред две години предупредила за подземни капацитети во Турција што произведуваат лекови за македонскиот пазар. Овие лекови, произведени од сомнителен извор, а спакувани во амбалажи од оригинаторите, доаѓаат во Македонија преку т.н. паралелен увоз. Уште пострашно, доаѓаат без каков било сертификат за квалитет затоа што законската одредба е укината во 2013 година. Овие шокантни наводи за паралелниот увоз на лекови ги изнесува директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев, во ексклузивното интервју за „Фокус“.

Тој делумно откри и кој најмногу ќарил од воведувањето на паралелниот увоз: „Три фирми што контролираат над 50 отсто од пазарот на паралелен увоз и се директно во кумска и роднинска релација со претходниот премиер Никола Груевски“.

Дончев позади себе има долга политичка кариера. Тој беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, кога со партијата раководеше Груевски, а во мандатот на Љубчо Георгиевски беше директор на Македонски телеком.

И.М.

Поврзани новости