Ситуацијата во здравството е лоша, благо речено. Инфраструктурата е на многу ниско ниво, организациската поставеност неефикасна, а информациските системи неинтегрирани. Иновативните лекови, пак, кои дојдоа на пазарот последниве години се достапни, но далеку од потребната количина, оцени директорот на Фондот за здравство Ден Дончев во вечерашното гостување на ТВ 24.
Според Дончев, повеќе од јасно и очигледно е дека здравството не и било приоритет на претходната власт.
– Сега ја плаќаме цената на таа негрижа. Здравството и образованието се огледало на вистинскиот стандард во едно општество. Ако ја мериме сотојбата по здравството, тогаш Македонијај е навистина во лоша состојба, нагласи Дончев.
Тој негираше дека неговото назначување за директор на Фондот е оддолжување на премиерот Зоран Заев за снимките од Македонска банка, како што се шпекулираше во јавноста.
– Со Заев имам долгогодишна релација. Сум го советувал за одредени прашања и сум бил борец против режимот на Груевски, не само со Заев, туку и пред тоа. Секако дека битката против режимот на Груевски беше предводена од СДСМ и Заев, но многу е погрешно да мислиме дека тоа беше нивен проект. Сите граѓани кои сакаа независна и демократска Македонија, се приклучија кон таа битка. И јас имав скромен придонес во неа, подвлече Дончев.