Дончев : Ние не го блокиравме влезот на „Диаверум“ само ги предупредивме

by Fokus

Директорот на Фондот за здравствено осигурување , Ден Дончев рече дека немало никаква злоупотреба во врска со шведската компанија, за што пред два дена беа поднесени кривични пријави за спречување на влез на странската компанија. Кривичните пријави беа поднесени од страна на поранешната сопственичката на „Диамед“, Вера Иванова што ја продала на компанијата на  „Диаверум“, против Дончев и министерот за здравство Венко Филипче.

– Во интерес на пациентите, кои заслужуваат квалитетна дијализа , беше избрана компанија со најдобра понуда. Нема никаков криминал , ниту попречување за влез на компанијата ,,Диаверум”, со која не сум имал директен контакт , туку само две писма до шведската амбасада, рече директорот на ФЗОМ , Ден Дончев на прес конференција во Владата.

Дончев децидно отфрли дека поради други причини, освен предупредување до „Диаверум“ од Шведска за да се внимава со инвестицијата бидејќи против претходниот концесионер се превземени предистражни дејства поради нејаснотија во сопственоста на „Диамед“.

Документите кои јавно ги презентираше Дончев може да ги видите на следниот линк.

Во Прилог интегралното соопштение од ФЗОРСМ:

Во интерес на објективно информирање на јавноста, како директор на државната институција Фонд за здравствено осигурување, должен сум да одговорам на обвинувањата од бившите сопственици на Диамед. Денеска ќе Ви бидат презентирани сите документи, како и хронологијата на целиот случај Диамед Македонија.

Во 2013 година, Министерство за здравство спроведува тендерска постапка за доделување концесија за дијализа која дотогаш е правена во рамките на јавното здравство. Диамед Македонија и Систина ги добиваат концесиите иако немаат никакво претходно искуство со дијализа. Притоа, отфрлени се легитимни странки инвеститори.

Со концесијата се дадени следниве права:

-Ексклузивност, односно монопол поделен по градови за вршење дијализа за двете фирми, за период од 20 години. Ваквиот монопол е спротивен на одредбите од ЕУ регулативата. Спротивен е и на Европската повелба за права на пациентите за правото на избор. Ниедна друга здравствена дејност нема монопол. Според договорот во 2014та, кај дијализите граѓаните немаат избор, и тоа во наредните 20 години.

-На овие две приватни фирми им се гарантира минимална цена од 90 евра по дијализен третман. За Ваша информација сетот за дијализа денес изнесува само 25 евра по третман. Секако дека има и дополнителни трошоци. Инаку претходната цена во јавното здравство изнесувала околу 70 евра по третман.

-Двете фирми ја превземаат од јавното здравство и функционалната опрема за дијализа без никаков надоместок. Ги превземаат и постоечките пациенти за дијализа, доделени на двете фирми по градови.

Значи од постоечката документација се гледа дека двете фирми добиле здравствен бизнис со минимално претходно искуство, минимални сопствени инвестиции, со гарантирани пациенти, со гарантирана цена и приход и гарантиран огромен профит.

Почитувани, иако двете фирми се домашни, тогашното Министерство за здравство се согласува во случај на спор местото на арбитража да биде Париз.

За споредба, на сериозни странски инвеститори во Северна Македонија им е определено место за арбитража да е судот во Скопје.

Ако во случај, “од кои било причини” Министерството за здравство предвреме го раскине договорот, Државата била обврзана да исплати договорена казна според утврдена формула. Според таа формула ако сега го раскинеме договорот со Диамед, треба да платиме 28 милиони евра.

Наспроти огромниот профит, единствена финансиска обврска на концесионерот Диамед е да му плаќа месечен надоместок од 7500 денари на Министерството за здравство! ПОВТОРУВАМ, СИМБОЛИЧНИ 125 ЕВРА МЕСЕЧНО!

Според документацијата, ДИАМЕД почнува да работи од 1 февруари 2014 година. Фондот за здравство на Диамед му исплаќа вкупно 42.500.000 евра до 31 декември 2018. Имајќи предвид дека бројот на пациенти за дијализа постојано расте, приходот кој Диамед може да го очекува од ФЗО до крајот на концесијата е минимум дополнителни 160 милиони евра. Значи, за 20 годишното време траење на концесијата Диамед ќе оствари најмалку 200 милиони евра приход од ФЗО.

Соочени со овие ПОРАЗИТЕЛНИ факти и одредби од договорите и концесијата, кои очигледно не ги штитат ниту државните интереси ниту интересите на пациентите со дијализа, Министерството за Здравство и ФЗО уште во ноември 2017 та започнаа да ги разгледуваат условите и околностите под кои беа издадени концесиите за дијализа.

Истовремено, имавме информација дека на Ристо Новачевски, кум на некогашниот Премиер Никола Груевски и воедно брат на неговата лична секретарка, Диамед Македонија во периодот 2014 до 2017, му исплаќа вкупни износи од:

  • Плата од преку 10 милиони денари
  • Исплата на надоместоци околу 17 милиони денари
  • Разни готовински исплати од речиси 9 милиони денари.
  • Преку картичка на Диамед Македонија, лицето подига 12 милиони денари, кеш пари од банкомат.

 

Општо позната е поврзаноста на Ристо Новачевски со Никола Груевски. Логично се поставија прашањата:

  • Дали има судир на интереси или злоупотреба на службена положба и овластување при доделувањето на концесијата на Диамед Македонија?
  • По кој основ државата се задолжила да плаќа огромни штети на концесионерот доколку предвремено се прекине договорот ВО КОЈ БИЛО СЛУЧАЈ, а истовремено единствен финасиски надомест кој требало да се плаќа за концесијата изнесувало симболични 125 евра месечно?
  • Дали е легално или воопшто пожелно да се издава концесија која гарантира ексклузивен период од 20 години?
  • Дали имало злоупотреба на моќ или други нелегални дејства?
  • По кој основ се исплатени огромни средства на Ристо Новачевски?
  • Дали зад Вера Иванова всушност се кријат вистинските сопственици на Диамед Македонија?

Инаку, сопственичката структура на Диамед Македонија од нивниот почеток до април 2016 е Вера Иванова 50 посто и Метромед ДОО 50 насто.Сопственици на Метромед ДОО се повторно Вера Иванова со 50 посто и извесен Оливер Тодоров со 50 насто. Значи, во почетокот Диамед е 100 посто македонска фирма.

Интересно, во април 2016, кога започнува Вистината за Македонија или таканаречените бомби, следи промена на сопственичката структура при што Вера Иванова префрлува 25% од нејзиниот удел за симболичен износ на компанијата Смарт Холдинг Дубаи. Сопственик на Смарт Холдинг Дубаи се појавува Генерал Солушонс Лимитед, Panama Trustee фирма која беше во скандалот Panama papers. До денеска не се знае кој е конечен сопственик на панамската фирма.

Пред МЗ и ФЗО да имат шанса формално да започнат со истрагата за Диамед, во јануари 2018, Диаверум, компанија за дијализни услуги од Шведска, остваруваат средба со ФЗО и МЗ и не известуваат во нивната намера ја купат Диамед. Им препорачуваме и вербално и писмено преку Амбасадата на Шведска, дека МЗ и ФЗО имат намера да започнат истрага и ревизија околу начинот на кој еприватизирана дијализата, вклучувајќи ги меѓу другото и времетраењето на концесијата, цената и местото на арбитража.

По ова, Диаверум Шведска се повлекуваат од намерата за купување на Диамед.

Диамед Македонија продолжува да функционира нормално, но на 2 ри јули 2018, Метромед ДОО го префрлува својот удел од 50% на Вера Иванова. Така, таа станува 75-постотен сопственик на Диамед, а Смарт Холдинг Дубаи останува со 25% сопственост. Конечно, на 18 август 2018 се врши уште едно префрлување на удел при што Смарт Холдинг Дубаи се стекнува со 75% сопственост во Диамед, додека Вера Иванова останува со 25%.

Од денешен аспект, знаејќи дека за неполни 7 недели по последниот трансфер на удел, 100% од уделот на Диамед се продава на Диаверум Шведска за околу 12 милиони евра, се поставува прашањето зошто Вера Иванова ги има правено сите овие трансакции при промена на сопственоста?

  • Дали намерата била да се избегне данок на капитална добивка имајќи предвид номиналните цени по кои се префрелни сите овие удели во споредба со конечната цена која Диаверум ја има платено?
  • Дали намреата била да се прикрие трагата на парите?
  • Дали ова е направено со цел вистинските сопственици на Смарт Холдинг (Панамската фирма) да можат да дојдат до парите без да се остави трага во Македонија на кој точно припаѓат тие пари?

Истрагата од Основното Јавно Обвенителство секако ќе треба да утврди вистинските мотиви за овие трансфери на удели.

При крај на октомври 2018, Диаверум повторно доаѓаат во Македонија и го известуваат Министерството за здравство и Премиеротдека имаат намера да ја купат Диамед Македонија и дека таа одлука е веќе донесена.

На 31 октомври 2018, МЗ писмено и детално директно го известува Диаверум дека под нормални околности, државата не би имала никаква инволвираност при трансакција помеѓу две приватни компании.

Но, случајот со Диамед Македонија е вонреден поради тоа што имаме разумен основ за сомнеж дека постојат криминални дејствија околу Диамед Македонија. Клучни два момента се: сомнежите за наместен и криминален тендерски процес при што е издадена 20 годишна ексклузивна концесија на Диамед и злоупотреба на службената положба и овластувањa на лица кои беа во врвот на власта. Се сомневаме дека некои од овие лица се вистински сопственици на Диамед, сокривајќи се зад други лица и офшор фирми. Писмото истовремено ги предупредува Диаверум за можните правни последици доколку истражните органи и судот ги потврдат овие наши сомнежи.

И покрај ова писмо, Диаверум го купува Диамед Македонија. Во ноември 2018та, Централен регистер уредно врши трансфер на сопственоста на Диамед од Вера Иванова и Смарт Холдинг Дубаи на Диаверум Шведска.  Овде сакам да потенцирам дека Државата не правиникакви пречки при превземањето.

Диаверум префрлува 2,5 милиони евра на сметка на Вера Иванова во банка во Северна Македонија и 9 милиони евра на сметка на банка во Монако. Државата добива потврда од Монако дека истиот ден кога се префрлени парите на сметката во Монако, Ристо Новачевски на свое име отвора банкарска сметка во истата банка во Монако.

Брзо потоа, по барање на државните институции 2.5 милиони евра на сметката на Вера Иванова во Скопје и 9те милиони на сметката во Монако се замрзнати бидејќи се води предистражна постапка.

Сега дозволете ми визуелно да ви презентирам во кратки црти дел од законската документација која го потврдува горе изнесеното, бидејќи случајот е премногу сложен за да го презентираме со клишето и жаргоните во стилот на КИКИ и ФРИКИ од новинарски текст. Материјалот секако ќе ви биде доставен.

Да резимираме: Од сето изнесено,  ФЗО и Министерството за здравство се обидоа да го предупредат Диаверум Шведска за потенцијалните правни последици по истрагата која следи.

– Немаше никаков обид од Државата да се блокира влезот на Диаверум Шведска во Диамед. Централниот регистар уредно го префрли уделот од Вера Иванова и Смарт Холдинг Дубаи на Диаверум, а таа компанија веќе десет месеци стопанисува со Диамед Македонија.

– Тврдењата на Вера Иванова дека е нанесена каква било штета кон Државата или буџетот е небулоза. Единствени вистински добитници од оваа трансакција се Вера Иванова на чија сметка легнаа 2.5 милиони евра тука и 9те милиони евра во Монако.

– Секако дека сите странски инвеститори се добредојдени во Република Северна Македонија. Но треба да сме свесни дека во овој случај станува збор за трансфер на сопственост од македонски до странски сопственици. Притоа претходните сопственици на Диамед се стекнале со концесија издадена под сомнителни околности на лица кои директно или индиректно беа во врвот на самата власт. Доколку судски се утврди ова, претставува злоупотреба на службена положба и овластување на некои од највисоките носители на тогашната власт.

– Претходните сопственици на Диамед при продажба на концесија се стекнуваат со 12 милиони евра. За иронијата да биде поголема, 9 милиони евра ги префрлаат во странство со комплексна мрежа на трансакции криејќи се зад панамски фирми под изговор дека, цитирам: “Сакаат да инвестираат во странство!”.

На крај да потсетиме: единствена финансиска вредност што државата доби се исплата на 7 500 денари месечен надоместок кој за воља на вистината Диамед Македонија уредно ги плаќаше.

 

Почитувани новинари,

Ова е официјалната хронологија и целосна документација која ќе Ви биде предадена на увид како достапни документи од јавен интерес.

Сега повелете со прашања за сите детали што Ве интересираат. Во овој дел ќе можам да одговорам и за обвинувањата лично кон мене. (Воедно сакам да му се заблагодарам на господинот Бранко Геровски што го поттикна овој предмет тежок околу 200 милиони евра. Се надевам дека најбрзо што може ќе се расветли дали се работи за рекет 2 и дали криминалците се жртви  или измамници. Воедно, сакам да Ве известам дека лично го поканив господинот Геровски да присуствува на оваа прес конференција, но ме извести дека неможел да дојде поради претходно договoрени обврски.

Како и да е, му стојам на располагање на Господинот Геровски за директни прашања и одговори за сите детали и без криење на имиња на (да го употребам неговиот жаргон) Рики, Гуки, Веки,Ники, и други.

 

С.Т

Поврзани новости