Заменикот-претседател на ГЕРБ, Томислав Дончев, на денешната прес-конференција соопшти дека неговата партија ќе иницира гласање за недоверба на владата на бугарскиот премиер Кирил Петков.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, гласањето во 47. Народно собрание на Бугарија против премиерот Кирил Петков, според Дончев, ќе биде поради неуспехот на финансиската политика. Ова поглавје од историјата на Бугарија ќе биде срамно, единствено што можеме да направиме е да го задржиме кратко, додаде тој.
Според бугарскиот устав, за гласање недоверба се потребни потписи од најмалку една петтина од пратениците – 48. ГЕРБ чија пратеничка група има 59 места нема да има проблем да ги обезбеди, но за изгласување недоверба потребни се 121 глас од вкупно 240 пратеници, што значи дека партијата на Бојко Борисов ќе треба да обезбеди уште 62 гласа. За тоа ќе бидат потребни гласовите на сите пратенички групи надвор од владејачката коалиција – 34 од Движењето за права и слободи, 20 од „Има таков народ” 13 од „Преродба”, со што четирите опозициски групи ќе имаат вкупно 126 гласа во бугарскиот парламент.