Маски за лице, визири и антибактериски сапуни прекугранична донација за граѓаните од Тетово и Елбасан 9.600 маски за лице, 1.250 заштитни визири за лице и 1.100 антибактериски сапуни на природна основа, е донацијата од проектот „Развој на микро-претпријатија на жени во прекуграничната област“ наменета за граѓаните на Општина Тетово и Елбасан.
Центарот за управување со промени-ЦУП заедно со партнерските организации Институтот за Човекови Права, Фондација Егалите и Центарот за компаративни и меѓународни студии од Албанија, го пренаменија дел од буџетот за да дадат придонес во справувањето со Ковид-19, граѓаните да се заштитат и да го поддржат женското претприемништво.
– Оваа донација ќе им помогне на граѓаните, полицијата и здравствените работници во заштита на нивното здравје за време на извршување на работните обврски во Тетово, а наскоро ќе ја врачиме преку партнерите и во Елбасан. Благодарни сме што Делегацијата на ЕУ во земјава ни ја одобрија пренамената на буџетот за да ги изработиме овие потребни реквизити и да ги донираме онаму каде што е најпотребно, вели Јасна Пајковска, проектен координатор Центар за управување со промени (ЦУП).
Пајковска додаде дека во производството и изработката на донираните добра учествуваа жени, претприемачки од занаетчискиот, услужниот и производствениот сектор кои се активно вклучени во проектот „Развој на микро-претпријатија на жени во прекуграничната област“. Проектот има за цел да ја зголеми конкурентноста на жените и женското претприемништво во регионот на Полог и Елбасан и да обезбеди одржливи решенија за развој на микро и малите бизниси на жените во прекуграничната област, истиот е поддржан од ЕУ и од Министерството за локална самоуправа.
– Со оваа акција даваме голем придонес како во заштита на граѓаните и спречување на вирусот, така и финансиска поддршка на фирмите кои се вклучени во акцијата. Сакаме да влијаеме на нивната ликвидност во овој период кога се забележува значителен пад на деловниот сектор, но исто така влијаеме и на подигање на родовата свесност, како и на значењето на жената и нејзиниот труд во услови пандемија, потенцира Пајковска.