Донации од сите страни пристигаат за неготинските доброволци, кои станаа дел од доброволното противпожарно друштво Повардарец!

by Fokus

Луѓето од Општина Неготино, кои изминативе две недели доброволно учествуваа во гасењето на големиот пожар на планината Серта, станаа дел од доброволното противпожарно друштво Повардарец.

Веста за ,,Фокус” ја потврди Борче Китановски, кој од првиот ден беше на терен заедно со повеќе сограѓани и се бореше со огнената стихија.

-Доброволното противпожарно друштво Повардарец е формирано пред околу две години, а сега дел од нас, доброволците кои учествувавме во гасењето на пожарот, станавме дел од него. Многу пријатно сме изненадени од вчера, кога започнаа да ѕвонат телефоните, се јавуваат општествено одговорни фирми и граѓани, кои понудија свои донации за друштвото.

Добивме опрема, мотороли, чизми, гас маски, секири, ознаки за патишта, шлемови… Од неготинска фирма ни ветија донација на четирицикл и крос мотоцикл, а од противпожарната служба ни ја дадоа на користење старата Лада Нива. Истата не е во возна состојба, но веќе е обезбеден нејзин бесплатен сервис и поправка. Телефоните продолжуваат да ѕвонат и денес, луѓето сакаат да дадат свој придонес кон заедницата и тоа сите не радува, вели Китановски.

Додава дека волонтерите кои активно се бореа со огнената стихија, тоа го направиле од солидарност, своеволно, затоа што не можеле да седат со скрстени раце и мирно да гледаат како природата гори.

-Без размислување заминавме да гасиме, и четворица од нас останаа таму од почеток до крај. Бројни се и доброволците кои доаѓаа и си одеа, се менуваа, бидејќи повеќето мораа да одат и на работа.

За штетата која е нанесена на планината, не треба многу да се зборува, доволен е еден поглед на пепелта која остана. Последиците со децении ќе ги сносиме, ќе се промени дури и климата. Мора да се мисли и на масовно пошумување, но и на превенција. Да не се повтори никогаш, но истовремено во секој момент да бидеме подготвени за справување со ваква хаварија, раскажува Китановски.

Појаснува дека дождот кој заврна во четвртокот буквално ги спасил Калањево и Бела Вода, а доброволците му се радувале како деца.

-Да не беше дождот, уште ќе гасевме на тој дел. Кога заврна, тоа беше радост која не можевме да ја скриеме, така сме се радувале кога ни се раѓаа децата.

Сега, околу Калањево е мирно. Оваа ситуација во која се најде нашата општина, на сите ни покажа дека заедништвото и солидарноста мора да не водат напред, само така можат да се извојуваат битките. Ние сме мала општина, и мора да се држиме заедно, порача Китановски.

Вики Клинчарова

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости