Новиот полски премиер Доналд Туск утринава положи заклетва во претседателската палата во Варшава, а потоа и министрите во неговата влада.
Новоименуваниот премиер на Полска доби поддршка за својата влада при гласањето за доверба на полскиот парламент Сејм и ја претстави својата програма. Владата ја поддржаа 248 пратеници, против новиот владин кабинет гласаа 201 пратеник и немаше воздржани.
Кабинетот на премиерот Туск ќе се состои од вкупно 26 министри, објавија претходно полските медиуми.
Туск стана премиер откако Долниот дом на полскиот парламент претходно во понеделникот изгласа недоверба на владата на Моравјецки.
Тој беше избран за премиер речиси два месеци по парламентарните избори, со помош на коалиционите партнери, вклучувајќи левичари и умерени конзервативци.
Туск, кој e поранешен претседател на Европскиот совет, вети дека ќе ги подобри односите меѓу Варшава и Брисел и ќе ги деблокира милијардите евра наменети за Полска, кои се замрзнати поради загриженоста на ЕУ за владеењето на законот во Полска.
Изборите во Полска се одржаа на 15 октомври.