Доналд Трамп и Фредерик Барбароса

by Фокус

Еден друг настан што нѐ чека во ноември оваа година може да внесе хаос и закана за Европа. Новата историска случајност, новата неизвесност се вика можноста од повторното враќање на Доналд Трамп за претседател на Америка. Трамп може пак да победи и тогаш Господ да ни е напомош.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Има една вистинита приказна, која, кога ја прочитав пред години, ми ги отвори очите колку текот на меѓународната политика зависи и од случајности.

Фредерик Барбароса (1122-1190), првиот крал на Германија, а подоцна и на Светото римско царство, тргнал во уште еден поход за освојување на Ерусалим.

Тоа било времето на крстоносните војни за гробот на Исус Христос.

На патот низ Европа, кој го водел и низ нашиве краишта, постојано растела неговата армија со нови регрути.

На дофат до Ерусалим имал толкава армија, велат историчарите, што победата била речиси извесна. Но, се случило нешто непредвидено.

Марширајќи низ Анадолија, при поминување на една река, коњот на Фредерик Барбароса се лизнал, шеесет и седумгодишниот крал паднал во реката и се удавил.

Како последица на тој настан, настанал хаос во моќната армија и таа се распаднала.

Поради овој непредвиден настан, овој инцидент, историјата зела сосема поинаков тек од очекуваното освојување на Ерусалим.

Еден друг настан што нѐ чека во ноември оваа година може да внесе хаос и закана за Европа.

Новата историска случајност, новата неизвесност се вика можноста од повторното враќање на Доналд Трамп за претседател на Америка.

ГОСПОД ДА НИ Е НАПОМОШ

Трамп може пак да победи и тогаш Господ да ни е напомош, коментираат западните интелектуалци и политичари.

Текот на историјата зависи од овој настан. Прашањето што сега се поставува е кои ќе бидат последиците по светот и Европа доколку Трамп победи, ја напушти Украина, ја охрабри десницата, се повлече од Европа и го распушти НАТО.

За Украина тој изјавува дека ќе ја реши војната за 24 часа, јакнењето на десницата која е против ЕУ, е сосема во согласност со неговите антипатии за Европа, а ставот кон НАТО е познат.

Покомотен со диктатори како Си Жипинг, Владимир Путин и Ким Ил Сунг, неспретен и неудобен во својата кожа со демократските водачи на Европа, Трамп може да ѝ зададе тежок, ако не и смртоносен удар и на американската демократија.

Веќе се зборува за списоци за чистење на државниот апарат и за поставување свои послушници.

Охрабрени од можноста за соработка со Доналд Трамп, се очекува Путин и Нетанјаху грчевито да се опираат на секакво мировно решение, во надеж дека Украина ќе биде присилена, без финансиска помош, да потпише мировен договор во форма со прифаќање на сите руски услови, а Нетанјаху да продолжи да се противи на создавање палестинска држава.

Сите овие можни настани им наложуваат на европските држави да се подготват за најлошото.

Оние што се внатре во ЕУ да работат на заедничка европска одбрана како дел од НАТО или како самостоен политички ентитет доколку се расформира Алијансата.

СЕ ПОВИКУВА И НА „ДЕГЗИТ“

Поучени од пораката на Трамп од првиот мандат, кој на европските политичари им порача да не мислат дека Америка би војувала со Русија за да ја спаси Европа, германскиот десно од центарот политичар Манфред Вебер порачува дека ЕУ мора да се подготви за војна без помош на САД и дека мора да изгради сопствен атомски штит.

Тој ќе изјави: „Ние го сакаме НАТО, но мора да бидеме доволно силни да се одбраниме без него или во времето на Трамп“, и додава, „независно од тоа кој ќе биде избран во Америка, Европа мора да застане на свои нозе, во смисла на надворешна политика и способноста да се одбрани самостојно“.

Тоа нема биде лесно во услови на пораст на влијанието на десницата, која би добила крила со евентуалната победа на Трамп.

Покрај катастрофалниот Брегзит, германската десница зборува за Унијата како за „пропаднат проект“, а некои повикуваат и на „Дегзит“.

А каде е нашата држава во оваа европска и светска дебата за загрозениот светски мир?

Во моментот никаде. Самите го напуштивме патот на преговори и нема да учествуваме во нив додека, ние, Бугарите, Европа и Америка, не расчистиме со Гоце Делчев.

Тоа го сака македонскиот народ. Во овој контекст, за научните и политичките институции во Македонија и поединците што ги сочинуваат, за новинари и интелектуалци, кои се платени да го просветлуваат народот за меѓународната политика имам само презир.

Поврзани новости