Учениците и студентите сместени во домот Томе Стефановски Сениќ, во Скопје, од вчера се оставени без струја. Тие се јавија во редакцијата на „Фокус“ жалејќи се дека ноќта ја поминале на свеќи, а се плашат дека така ќе биде и наредните денови бидејќи утре е неработен ден, а потоа следува и викенд.
-Немаме струја баш кога ни е колоквиумска недела, односно имаме за полагање. Оставено сме сами на себе и заборавени од сите, револтирано коментираат студентите.
Директорот на домот, Лулзим Џемаили, ни изјави дека струјата е исклучена поради долг, истакнувајќи дека се надева дека проблемот наскоро ќе биде надминат.
-Парите што ги добиваме не се доволни за подмирување на сите трошоци. Ние чекаме помош од Министерството за образование и се надевам дека набрзо проблемот ќе биде решен, ни изјави директорот Џемаили.
Тој појаснува дека главниот проблем е намалениот број на ученици и студенти, кои престојуваат во домот, па средствата кои ги добиваат не стигнуваат да се покријат сите трошоци.
-Имаме 145 студенти и ученици и за нив добиваме 1,3 милиони денари, со кои се исплаќаат плати, а треба да се покријат и сите останати сметки, што е невозможно, вели директорот.
Тој појаснува дека овој проблем веќе со години го имаат речиси сите студентски и ученички домови и затоа бараат да се изнајде решение преку законска регулатива.
В.В.