Јубилејното 20-то издание на Пивофест Прилеп ќе се одржи од 13-ти до 16-ти јуни, објавено на официјалната страница на настанот, кој е најавен како пивски спектакл на Балканот. Но, иако манифестацијата ќе се случува по една недела, од организацијата се уште не ги откриваат деталите околу програмата и музичките гости.
Дали Прилеп ќе биде домаќин на познати балкански музички имиња, или пак како минатата година, ќе настапат претежно домашни пејачи, се уште се држи во тајност.
Како потсетување, лани на Пивофест гостуваа Ламбе Алабаковски, Игор Џамбазов, Нино Величковски, Некст Тајм, Елена Велевска, Елена Петреска, Хари Мата Хари, Лозано, Миле Кузмановски…
Организатор на фестот беше Пеце Стоикоски од Арт 10 Продукција.
Тогаш тој за „Фокус” откри дека пејачите настапувале за хонорари од 600 до 10.000 евра, а фестот бил поддржан од општината со два милиони денари, плус средства од спонзори.
Вети дека по завршувањето на Пивофест 2022 транспарентно ќе ги соопшти сите детали околу настанот, и кој од музичарите колкав хонорар добил. Сепак, по завршувањето на настанот, тој ни изјави дека имал висока температура и не може да зборува, појаснувајќи дека за неколку дена со соопштени за јавност ќе бидат откриени сите информации околу распределбата на средствата предвидени за фестивалот.
Сепак, тоа не се случи, а од општината тогаш само кратко порачаа дека тие учествуваат со два милиони денари и за се друго е одговорен организаторот Арт 10 Продукција.
Вики Клинчарова