Партијата на Лиле Поповска, ДОМ е задоволна од најавата на „Макстил“ да прекине да работи од први ноември, сѐ додека не монтира еколошката опрема.
– Токму ова беше нашиот предлог уште пред неколку месеци, кога скопјани протестираа поради загадениот воздух, а ДОМ поднесе кривични пријави за „Макстил“ и „Југохром. Борбата со големите загадувања од „Макстил“ и „Југохром“ дава резултат, што се покажува и со цврстиот став на Министерството за животна средина да не дозволи натамошно продолжување на работа без исполнување на еколошките стандарди – велат од партијата.
ДОМ смета дека борбата против загадувањето мора да продолжи со серија итни мерки, зашто маглите се спуштија и во градовите станува „опасно дишењето“.
– Рестриктивно движење на возила кои не ги исполнуваат Еуро стандардите за квалитет на дизел или бензин горивата низ градот (практично, формирање т.н. зелена зона во центарот на градот).
– Формирање дежурни екипи од инспектори за животна средина на национално и локално ниво кои континуирано ќе вршат контрола на правните и физичките лица кои го загадуваат воздухот – значи и попладне и во викенди.
– Казнени мерки против оние субјекти кои за добивање топлина користат прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од мебел, ПЕТ амбалажа, гума и синтетички материјал.
– Прилагодување на динамиката на градежните зафати кон временските прилики – заради намалување на прашината во воздухот.
– Доследно применување на Правилникот за методологијата за мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух.
– Формирање на мрежа на Градски велосипедски сервис со цел изнајмување на велосипеди по симбилична цена. Ова значи поставување на најмалку 10 пунктови за изнајмување на велосипед.
– Владата да одвои финансиски средства за субвенционирање на приватни и физички лица кои купуваат електромобили или хибридни возила.
– Град Скопје да донесе Програма за намалување на загадувањето на воздухот и унапредување на квалитетот на амбиенталниот воздух.
– Редовна контрола и одржување на оџаците и други гасо-одводни канали, заради намалување на загадувањето на воздухот и поголема енергетска ефикасност, преку намалено трошење на гориво и негова поголема искористеност.
– Градот Скопје и општините итно да почнат да ги реализираат Акционите планови за енергетска ефикасност.
– Урбанистичко планирање што води сметка за розата на ветрови и проточноста на воздухот.
– Зголемување на зелените површини во градот.