ДОМ се спаси од тужбата на „Боров Дол“ за клевета

by fokus

Апелациониот суд Скопје ја одби жалбата на тужителот Боров Дол ДООЕЛ Радовиш против зелената партија ДОМ, како неоснована. Советот на судии со претседателката Лидија Димчевска ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје II дека при пренесувањето на јавно достапни информации за рудникот Боров Дол од страна на ДОМ, нема клевета, ниту пак намера да му се наштети на честа и угледот на тужителот.

„Правото на слободно изразување е загарантирано со Европската конвенција за заштита на човекови права и судот тоа го почитува. За ДОМ, оваа пресуда е потврда за искрената и чесна борба за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните. Ова е уште една победа на правдата во малубројните еколошки судски случаи во Македонија, што придонесува кон враќање на довербата во судството.  Добиената судска битка на ДОМ нека им даде сила и охрабрување на струмичките екологисти во борбата против опасностите од најавениот рудник Иловица! Тие ја имаат целата наша поддршка, зoшто ДОМ беше и останува на првата борбена линија против отворање на опасни рудници било каде во Македонија, а посебно во земјоделски и туристички региони. Сите ние како граѓани имаме полно право на здрава животна средина и здрав живот!“, велат од ДОМ

„ДОМ ја информира јавноста дека се спрема отворање на нов рудник на смртта „Боров Дол“, помеѓу Штип, Радовиш и Конче кој треба да биде уште еден површински коп за бакарна руда која би се лужела со сулфурна киселина директно во отворен базен на планината. Ова веројатно ќе се поткрепи со лажна студија за оценка за влијанието врз животната средина“.

Со ваква изјава излезе поранешната претседателка на партијата ДОМ, Лилјана Поповска. Одговорните во „Боров Дол“, изјавата на Поповска ја оценија како неаргументирана, непримерена, неточна, неодговорна, измислена дезинформација која може да ја даде само личност која нема никакво знаење од една значајна стопанска гранка каква што е рударството.

Поврзани новости