Партијата на Лиле Поповска денеска поднесе кривична пријава против фабриката „Југохром“ во Основното јавно обвинителство – Тетово поради, како што велат од ДОМ, загадување на животната средина и природата и загрозување на животната средина со отпадни материи. Партијата вчера поднесе кривична и до скопската фабрика „Макстил“.
„Кривичната пријава се поднесува за загрозување на здравјето на граѓаните на Тетово и уништување на животната средина, почнувајќи од 11.7.2005 година (кога почнува да важи законот за животна средина) до денес. „Југохром“ не го испочитува законот и не ги почна навремено набавките на еколошката опрема, па продолжи да загадува со несмалено темпо, не водејќи сметка за поплаките на граѓаните и укажувањата и казните на институциите. Kако доказ ги приложуваме податоците од ПМ10 од мерната станица во Tетово за последниве месеци, годишен преглед за 2013 и повеќегодишен преглед од 2005 до 2013 година. лесно се гледа огромното пречекорување на дозволената граница од 50 мг/м3“, стои во соопштението на партијата која е дел од владејачката гарнитура.