ДОМ и ВМРО за една изборна единица, укинување на „пржинска влада“ и намалување на бројот на пратеници

by fokus

ДОМ се залага за изборен модел со една изборна единица без изборен праг и отворени листи на кои 50 проценти ќе бидат жени на листите, изјави денеска пратеничката претседателка на зелената партија ДОМ, Маја Морачанин, по средбата во Собранието со претставници на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Морачанин истакна дека на средбата со координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и со пратениците Антонио Милошоски и Дафина Стојановска не било предмет на разговор укинувањето на т.н. „пржинска влада, туку се разговарало само за промена на изборниот модел, потенцирајќи дека фокусот треба да биде на Предлог-законот за воведување на една изборна единица, што веќе неколку месеци е во Собранието.

– Имавме заеднички став по тоа прашање дека овој Предлог-закон треба што побрзо да почне да се дискутира на Комисијата за политички систем, да се отвори дебата и секако, задолжително ќе се организира и јавна расправа по овој Предлог-закон, на која ќе бидат вклучени и експертите и граѓанските здруженија, бидејќи навистина ова прашање за промена на изборниот модел е од голема важност и за граѓаните и генерално за унапредување на демократијата во државата. Тоа беше суштината на денешната средба, посочи таа.

Морачанин дополни дека остануваат и понатаму на ставот дека е потребно да се разгледува и воведувањето на отворени листи.

– Овој закон што е поднесен во април, на кој еден од предлагачите сум и јас, се однесува за отворани листи за локални избори и 50 проценти жени на листите и за парламентарни и за локални избори. Во тој момент кога го поднесувавме законот имаше расположение меѓу предлагачите и тоа беше, нели, во периодот пред локалните избори, да се отворат листите за локалните избори. Тоа не се случи, но сметаме дека е тоа многу важно прашање и затоа и понатаму ќе инсистираме на разгледување на овој Предлог-закон, значи не само за една изборна единица без праг, туку и за промена на изборниот модел со отворани листите, рече Морачанин.

Според неа, иако со поднесениот предлог се предвидува една изборна единица без праг, предлагачите сепак се отворени за дебата по тоа прашање.

– Истиот став го имаат и ВМРО-ДПМНЕ дека потребно е да се разговара за прагот и затоа е добро токму во Собранието по овој Предлог-закон кој веќе е тука да се отвори дебата и сите политички партии да си го кажат ставот и на крај, се разбира, да се донесе најсоодветното решение и ние секогаш сме отворени за дискусија, истакна Морачанин.

Во однос на предлозите од ВМРО-ДПМНЕ за укинување на т.н. „пржинска влада“, таа потенцираше дека тоа не било предмет на разговор на денешната средба.

– Но, еве, бидејќи во јавноста подолго време е присутно и веќе има и Предлог-закон доставен до Собранието, сакам да го кажам ставот на ДОМ дека ние поддржуваме укинување на т.н. „пржинска влада“, бидејќи тоа не само што е неуставно, туку е и нефункционално решение, што видовме во изминатиот период. Но, навистина е добро што предлогот за укинување на „пржинската“ влада доаѓа токму од најголемата опозициска партија, што навистина укажува на фактот дека институциите имаат капацитет да спроведат фер и демократски избори во кои сите ќе имаат доверба, посочи Морачанин.

Во врска со предлогот за намалување на бројот на пратеници во Собранието, таа истакна дека ДОМ поддржува помал број на пратеници во Собранието со цел да се намалат буџетските трошоци за оваа намена.

– Тоа е уште еден дополнителен аргумент за она што ние го бараме, а тоа е една изборна единица без праг и отворање на листите и 50 проценти на листите, бидејќи во таков состав на Собранието со помал број на пратеници навистина ќе биде важно тие пратеници да бидат директен одраз на изборот и на волјата на граѓаните, а да не зависат од волјата и ставот на раководствата на политичките партии, така што граѓаните да можат директно да ја изберат и личноста, а не само партијата која сакаат да ги претставува во Собранието и се разбира, ќе ја рефлектира и реалноста во општеството, а тоа е дека има подеднаков број мажи и жени, посочи таа.

Запрашана дали за овие теми ќе разговараат и со СДСМ или ДУИ, Морачанин, истакна дека кога станува збор за важни законски решенија за граѓаните, тие се упатени на меѓусебна комуникација со цел, како што рече, „на крај да го донесеме најдоброто законско решение“.

– Во оваа прилика ја користам и можноста да апелирам и до колегите од ВМРО-ДПМНЕ да се заинтересираат повеќе и за Законот за прекршоци кој што исто, долго време, веќе две години, е во Собрание, но не е отворена дискусија за тоа прашање. За ДОМ тој е важен, бидејќи со овој Предлог-закон се предвидува двојно зголемување на казните за загадувачите на животната средина. Тоа за нас е многу важно. За тој закон е потребно двотретинско мнозинство и еве тоа е начинот на кој лобираме за оние законски решенија, кои се добри и околу тоа нема никаква дилема, апелираше Морачанин.

Поврзани новости