ДОМ го поддржува Договорот со Грција: Со него Македонија ја извојува главната битка

by fokus

Партијата на Лилјана Поповска преку соопштение истакна дека ќе го поддржи Договорот со Грција.

„По долга и емотивна дискусија и анализа на текстот на Договорот со Грција, Централниот одбор на ДОМ одлучи да се поддржи неговата ратификација, зашто во овој миг и е потребна на Македонија, од три причини:

-Прво, со ратификацијата Македонија ќе ги започне конечно преговорите со ЕУ и ќе го откочи процесот за прием во НАТО. Тоа се наши стратешки цели, неопходни за зачувување на нашиот територијален интегритет и на нашите млади генерации.

-Второ, со овој договор престанува да важи претходниот договор од 1995, со кој бевме обврзани пред ОН да преговараме со Грција и да ја носиме понижувачката референца Поранешна југословенска република Македонија.

-Трето, со овој договор Македонија ја извојува главната битка, која се водеше зад сцена и беше вистинската причина што досега не можевме да најдеме заеднички прифатливо решение. Тоа е битката за македонскиот идентитет, како македонски народ, со македонски јазик, култура, традиција и историја. Ова беше битка без преседан во светската политичка историја и битка која ја доби македонскиот народ, со своето гордо и достоинствено опстојување, со љубов кон својот јазик и својата земја. Таа битка ја водат со години и Македонците во Република Македонија и граѓаните на Република Македонија што си ја сакаат својата држава, но и Македонците ширум светот, кадешто судбината ги расфрлила“, велат од ДОМ.

Според нив, Договорот е комплексен и комплициран, со многу деликатни моменти кои бараат дополнителни формулации и борби во текот на неговата имплементација.

„Ќе ни треба уште многу сила, мудрост и обединетост, за да влезе Македонија во мирни и безбедни води. Конечната иднина на земјата ќе ја одредат самите граѓани на референдум и тој глас ќе треба сите да го почитуваме“, додаваат од партијата.

Поврзани новости