Британските пратеници го одобрија контроверзниот нацрт-закон на владата на Борис Џонсон, со кој се доведуваат во прашање одредени точки од договорот меѓу Лондон и Брисел за Брегзит.
Предлог-законот доби 340 гласа „за“ и 256 „против“ во третото читање во Долниот дом на британскиот Парламент, што му го отвори патот на горниот дом на парламентот, Домот на лордовите, да расправа за тоа.
Една од точките на спорниот предлог закон се однесува на Северна Ирска. Договорот на Лондон и Брисел предвидува механизам за да се избегне воведување физичка граница помеѓу Северна Ирска и Ирска. Британците би сакале измени во таа одредба, што предизвика незадоволство во Брисел.
ЕУ побара од Велика Британија да го повлече нацрт-законот, заканувајќи се дека ќе се обрати до судството за решавање на ова прашање.
Оваа недела во Брисел се одржува деветтата рунда преговори меѓу Велика Британија и ЕУ за идните трговски односи меѓу двете страни.