Националната опера и балет потона во мрак откако и беше исклучена електричната енергија поради неплатени сметки. Сметката на НОБ била блокирана, бидејќи било спроведено извршно решение од 2012 – 2013 година, за долг од околу 67.000 евра.
Веста за она кое се случува во националната установа предизвика лавина од реакции во јавноста, но и партиски препукувања, па владеачката СДСМ, одговорноста ја насочи кон поранешните кадри на ВМРО-ДПМНЕ, вработени во НОБ, како и кон оперскиот солист Игор Дурловски (тој беше на чело на институцијата од ноември 2015 година до 2017 година). Дурловски на обвинувањата одговори дека СДСМ бара изговори за неспособноста на своите кадри.
-Генералниот директор Васо Ристов да си го праша сегашниот уметнички раководител, кој беше директор од 2011 до 2016 година, за работењето во тој период – порача Дурловски.
Пред Дурловски пак, од 2010 до 2014 година директор на институцијата беше Дејан Прошев, а исто така тој беше в.д. директор до 2015 година. Сега, според податоци објавени на официјалната страница на НОБ, тој е на функција уметнички раководител на опера. Финансиските проблеми на НОБ не се ништо ново, и во минатото јавноста сведочеше на низа на настани и јавни обвинувања поради неплатени долгови и неисплатени хонорари.
Уште во 2018 година, тогашниот в.д. директор на НОБ, Илија Рајковски, на прес конференција обелодени дека кога дошол на функција во август 2018 година, затекнал долг од дури 801 илјада евра. Од таа сума, околу 100 илјади евра биле долг кон фирма која ги реновирала столчињата во установата. Тој посочи дека во НОБ има повеќе музичари отколку што реално се потребни, односно вработени биле 115 музичари, а според него доволни би биле помалку од 80. Ако се погледнат податоците објавени на страницата на НОБ сега, бројот на вработени изнесува 440 лица.
Овде спаѓаат оперски солисти, балетски солисти, хористи, инструменталисти, но и раководители, хигиеничари, обезбедување, советници, соработници во културата, сценски работници, гардеробери, шминкери и друго. Јавноста се сеќава и на скандалот во НОБ во 2018 година, кога јапонскиот балетан Кенто Тирашита, ангажиран во установата, во очај побара помош преку социјалните мрежи, бидејќи не можел да си купи вода, храна, тоалетна хартија и сапун, затоа што три месеци не добил хонорар од Министерството за култура.
Се иницираа хуманитарни акции, а откако тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски потврди дека ќе му бидат исплатени хонорарите на балетанот, тој изјави дека веднаш ќе си замине од Македонија. Дури и се извини на јавноста, со зборовите дека не сакал да стане ѕвезда во медиумите, ниту да и наштети на институцијата, туку само бил гладен и исплашен за себе поради лошата состојба во која се нашол. Уште тогаш и Алаѓозовски откри дека НОБ се наоѓа во тешка финансиска состојба.
По в.д. директорите Илија Рајковски и Ќазим Асотиќ, кои дојдоа на чело на НОБ по оставката на Дурловски, во август 2018 година Министерството за култура го назначи музичарот и професор Васо Ристов за генерален директор на НОБ.
Тој и денес е на функцијата. Со цел да дознаеме колку долго се провлекувале насобраните долгови на НОБ, колкав долг сега има институцијата и како се планира испливување од тешката финансиска состојба, „Фокус“ се обиде да стапи во телефонски контакт со Ристов, но неговиот телефон беше исклучен. Ниту уметничкиот раководител на опера, Прошев не одговори на нашите телефонски повици.
Вики Клинчарова