Долг пат изодивме, сега рацете и срцата ни се полни!

by fokus

Го добивме најубавиот новогодишен подарок, или попрво би рекле, го добивме најубавиот животен подарок, се уште не можеме да се соземеме од среќа – за ,,Фокус” раскажуваат музичарот Живко Динев и неговата сопруга Ана Колевска Динев, кои по осум години во брак, ги добија близначките Мила и Миа.

Породувањето поминало во најдобар ред во Државна болница во Скопје, а гордите родители велат дека на нивната радост и нема крај.

-Сега дури можеме да кажеме дека сме комплетни, сега имаме се. Полни ни се рацете, полни ни се и срцата. Живко веќе три дена слави со колегите, покрај него се Благица Павловска, Коки Јанков… Долг пат минавме за да се оствариме како родители, но се исплати секој чекор, кога е оваа среќа во прашање. Имињата ги избравме ние, секако според традицијата, во согласност со кумот. Јас го сакав името Мила, а потоа Живко додаде и Миа – вели Ана.

Таа по потекло е од Неготино, и во градот своевремено беше позната како најубавата полицајка. По венчавката со Живко се пресели во неговата родна Струмица, каде продолжи да работи како полициски службеник.

Живко пак, на јавноста и стана познат како член од некогашниот Браво Бенд. Сега веќе подолг период настапува со свој бенд, и редовно гостува во локали во Струмица, но и кај нашата дијаспора во Швајцарија, Германија, Австрија…

Со Ана важат за пар кој живее во голема љубов и слога, а како што велат, близначките се долго очекуваната круна на нивната љубов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости