Управниот одбор на државната компанија МЕПСО донел одлука да им прости 14 милиони евра долг на трговци со електрична енергија, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија. Четри компании добиле фактури од МЕПСО во вкупен износ од 15 милиони евра, поради влечење на струја од Европската мрежа за потребите на компаниите. Минатата година МЕПСО успеал да наплати само 1,2 милиони евра.
На крај долгот го плаќаат граѓаните. По одлуката на Управниот одбор да се отпише долгот, МЕПСО го книжела како сопствен трошок кој потоа го прикажала во Регулаторна комисија за енергетика, со што овие пари влијаат при утврдување на крајната цена која ја плаќаат домаќинствата.
За да го покрие кусокот од електрична енергија МЕПСО во 2021 година, на почетокот од енергетската криза, од европската мрежа повлекла струја во вредност од 68,5 милиони евра. Пет пати повеќе од претходната година. Оваа струја беше користена за потребите на ЕСМ и за трговците со струја. ЕСМ веќе му исплатила на МЕПСО 25 милиони евра за својот долг.
Телма претходно пишуваше дека три фирми трговци со струја, на МЕПСО му должат милиони за баласнираната енергија, „У Повер“, компанија на синот на поранешниот вицепремиер Муса Џафери, „Енергија гас и Повер“, и „Мист Енерџи“. Овие фирми добија и забрана да тргуваат со струја. Но, некои најдоа начин, го променија името и се вратија во игра. Тоа се случи со Мист Енерџи. Компанијата го промени своето име во „Мист Енерџи Еко ДОЕЛ“, и се врати на пазарот со електрична енергија.