Рускиот претседател Владимир Путин наводно прима хемотерапија, а неговиот најтесен круг би можел да го искористи за заговор против него, се вели во „протечените“ документи на Пентагон, како што тврди британски „Сан“.
Според новопротечените документи, информацијата за саботажа на Путин доаѓа од неидентификуван руски извор со пристап до внатрешните кругови на Кремљ.
Како организатори на наводниот заговор конкретно се споменуваат секретарот на Советот за национална безбедност на Русија, Николај Патрушев и началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов.
Порано имаше тврдења дека Путин боледува од рак на панкреасот и Паркинсонова болест во рана фаза. Во документот се наведува дека Николај Патрушев (71) од Советот за национална безбедност на Русија и Валериј Герасимов (67), началникот на Генералштабот на руските вооружени сили, планирале да го соборат Путин.
Според документот, за да се ослабне Путин, руската инвазија на Украина морала да биде саботирана, преместувајќи ги војниците на јужниот фронт. Планот требаше да биде спроведен на 5 март, а тогаш наводно била закажана хемотерапија, така што Путин би бил оневозможен да „влијае на воените напори“.
Доверливите документи на Пентагон почнаа да се појавуваат пред неколку недели, прво на платформата за разговор Discord, а подоцна и на Telegram и Twitter.
Покрај информациите за движењето на војниците и загубите во Украина, документите содржат и дневни разузнавачки извештаи, пренесува Танјуг.