На 26-ти јануари (петок), со почеток во 19 часот во Младинскиот културен центар во Крушево ќе се одржи премиерата на документарниот филм за Тоше Проески во чест на неговиот 43-ти роденден, информира крушевскиот градоначалник Томе Христоски.
Влезот ќе биде бесплатен, а во филмот ќе зборувале голем број на познати музички имиња кои професионално и приватно се дружеле со Тоше, и како што појаснува Христоски, ќе може да се види неговото училиште, неговиот прв, но и последен настап…
-За Тоше во филмот зборуваме јас како градоначалник на Општина Крушево, Тони Цетински, Јелена Томашевиќ, Жељко Самарџиќ, Андријана Јаневска, Огнен Неделковски, Соња Алексоска, пријателите на Тоше, членови на неговиот бенд и многу други. Ќе имате можност да го видите училиштето во кое одел, да го видите неговиот прв настап, неговиот последен настап, работите што ги чуваат неговите пријатели за да го паметат секогаш.
Овој филм се очекува да го пренесуваат сите домашни и меѓународни медиуми, а неговиот глас и дело да ги обиколи и обедини повторно поранешните ЈУ простори, Балканот, Европа и Светот-истакна градоначалникот.
Инаку, денес по повод 43-от роденден на трагично загинатата музичка ѕвезда, беше промовирана неговата песна ,,Кажу да време лечи све”, за која демо снимката била направена пред 20 години, како еден вид на подарок за обожавателите на Тоше.
Вики Клинчарова