Албанската владејачка партија ДУИ вчера ги определи носителите на изборни листи за престојните парламентарни избори, но се уште трае постапката во однос на другите позиции.
Како што истакнуваат од таму, до идната среда, кога треба да бидат финализирани листите, секоја опција е отворена, меѓутоа веќе се знаат главните претенденти за повисоките добитни позиции, особено за шестата тетовско-гостиварка изборна единица, каде силите ги вкрстуваат албанските партии.
Според висок партиски функционер, веднаш зад партискиот лидер Али Ахмети, на пратеничката листа во „шестката“ ќе бидат докторот Флорин Бесими, кој воедно е претседател на тетовскиот огранок на ДУИ (брат на екс министерот Фатмир Бесими), како и универзитетската професорка од Гостивар Арта Биљали-Зендели.
Што се однесува до другите изборни единици, нашиот соговорник вели дека зад спикерот Талат Џафери во петтата изборна единица ќе биде бизнисменот и градоначалник на Пласница Исмаил Јахоски, како и еден млад кадар од партискиот подмладок.
Тој додава дека слична е ситуацијата и во првата изборна единица, каде после носителот Изет Меџити ќе биде млад кадар од Сарај, по кој ќе следува партиски функционер од Студеничани.