Јордан Камчев е директно потребен за реализација на голем број на активности во болницата, а престрогата мерка притвор е сериозно попречување на секојдневното работење, реагираат докторите и колективот на приватната болница „Аџибадем Систина“. Во отворено писмо до јавноста тие изнесуваат став дека мерката притвор е престрога и бараат да се земе предвид тоа што бизнисменот им е неопходен за функционирањето на оваа здравствена установа.
„Целосно ги поддржуваме и охрабруваме сите правни процеси на институциите кои се во насока на донесување на правични судски одлуки. Со оглед на тоа дека за г-динот Камчев се веќе преземени други мерки за обезбедување – одземање на патни исправи и обезбедување со капитал и истите тој во целост безусловно ги почитува и редовно се јавувал на сите покани во судот сметаме дека моменталните мерки кои се применуваат за г-динот Камчев се неразумни и престроги и индиректно влијаат и на вработувањето на повеќе од 1.100 луѓе во КБ ’Аџибадем Систина‘. Бараме, додека судските постапки се сè уште во тек, при донесувањето одлуки за г-динот Камчев да се земат предвид сите овие факти за неговата неопходна присутност во КБ ’Аџибадем Систина“, пишува во писмото.
Воедно, 28-доктори-потписници на писмото наведуваат притворот на Камчев влијае на секојдневните активности и сериозни проекти кој тој ги спроведувал, а како доказ, велат тие, е и тоа што еден ден пред притворањето итно и вонредно бил проширен капацитетот за хоспитализација на ковид-пациенти во болницата со што покрај опремувањето на дополнителниот оддел имало и нови вработувања – двајца специјалисти инфектолози, доктори специјалисти за интерна медицина, пет доктори по општа медицина и 15 медицински сестри.
„Неговите директни заложби во функционирањето на болницата не се само од аспект на Претседател на Одборот на директори на болницата тука и од аспект на припадност во големото семејство и тимот на ’Аџибадем Систина‘. Г-динот Камчев покрај тоа што е движечка сила и поддршка на сите проекти во болницата тој е и мотивација за сите нас кои сме дел од тој тим“ пишуваат докторите, потенцирајќи дека „Систина“ има големо значење за целиот здравствен систем.