Докторите од „Козле“ бараат разрешување на директорката на Клиниката, откако таа избрка лекарка со 22-годишно искуство

by Fokus

Лекарскиот колегиум на Клиниката за респираторни заболувања кај децата Козле бара итно и неодложно разрешување на в.д. директорката Каролина Симоновска по донесената последна одлука за отказно решение на д-р Веселинка Митровска Јосифовска, реномиран ОРЛ специјалист и бронхоскопист со долгогодишно искуство, и бара итно враќање на докторката на работа.

Ова се наведува во протестното писмо од Лекарскиот колегиум на Клиниката за респираторни заболувања кај децата Козле, во кое се изразува безрезервна поддршка на д-р Веселинка Митровска Јосифова и се бара итно разрешување на в.д. директорката Каролина Симоновска.

„Последниот скандал што ја потресе Клиниката, лекарите, како и нашите пациенти е дека д-р Веселинка Јосифовска Митровска е бескрупулозно избркана од работа. Во отказното решение, добиено од раководството, таа е обвинета дека физички присуствувала во кабинетот за бронхоскопија кога се интервенирало на вадење туѓо тело од дишните патишта на еден од нашите пациенти.

Присуството на колешката само ја потврдува нејзината загриженост за здравјето на пациентите кои се нејзин домен на работа. Докторката Јосифовска се соочила со непријатна средба со директорката, и тоа за време на интеревенцијата, и истата се обидувала насилно да ја острани од кабинетот за што постојат сведоци. Ја информираме јавноста дека интервенцијата кај детето резултирала со успех, извадено е туѓо тело од дишните патишта на пациентот.

Со ништо и во ниеден момент не било загрозено детето, ниту, пак, присуството на лекар, кој има 22 години искуство, со оваа проблематика би можело на кој било начин да го загрози животот на детето. Напротив доколку би дошло до компликации, лекарите, кои се присутни, а имаат долгогодишно искуство, би можеле да интервенираат веднаш. Но, парадоксот е дека според директорката, како што пишува во отказното решение, (д-р Веселинка Митровска Јосифовска) со нејзиното присуство го довела во опасност животот на пациентот.

Изразуваме најсилна безрезервна поддршка за нашата колешка д-р Веселинка Јосифовска Митровска на која сметаме дека ѝ е нанесена целосна неправда и без никаква вина добива отказно решение од актуелното раководство.

Своеволието на директорката уништува многу животи, ја уништува клиниката Козле, а тоа директно се рефлектира на пациентите. Откако е назначена досега, нејзиното директорување брои низа скандали за кои јавноста беше информирана. Се спроведоа и средби со министерот за здравство на кои беа укажани проблемите во клиниката. Се депонираа 30 потписи на лекари кои бараа разрешување на директорката. Сѐ уште се чека одговор за нејзино разрешување“, се наведува во протестното писмо од Лекарскиот колегиум.

Лекарскиот колегиум уште еднаш ги замолува надлежните институции, министерот за здравство и премиерот на Македонија, да стават крај на своеволието на Симоновска бидејќи Клиниката Козле е државна институција од огромно значење во пружањето здравствена заштита на најранливата група пациенти, децата.

Поврзани новости