„Никогаш нема да те заборавиме Јана“, „Правда за Јана“, порачаа битолчани кои вечерва маршираа низ Широк сокак во чест на прерано згаснатиот живот на шестгодишното девојче во битолската болница. Ова е втор протест во Битола откако родителите на Јана обзнанија дека девојчето било примено во болницата во добра здравствена состојба, а состојбата и се влошила по примена инфузија со гликоза иако имала покачен шеќер.
Граѓаните порачаа дека протестираат и за Јана, но и за другите дечиња и пациенти, поранешни или идни, за чиј живот решаваат лекари со сомнителна стручност. Тие порачаа лекарите да си ја признаат грешката и правдата да биде задоволена.
Во меѓувреме Комисијата за стручен надзор утврди дека причина за смртта поради срцето кое било зафатено од вирусен инфект. Комисијата посочи дека Јана прележала ковид шест месеци пред смртта. Надзорот не откри лекарска грешка.
Роднини и пријатели на семејството на вечерашниот протест рекоа дека девојчето не покажувало никакви знаци на срцеви проблеми непосредно пред смртта.