Во пресрет на истекот на крајниот рок за доставување на кандидатурите за градоначалници и советници до Државната изборна комисија, кој истекува утре на полноќ, политичките партии ја комплетираат кадровската понуда со која ќе настапат на претстојните локални избори.
Во изминатиов период, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и другите политички партии и нивните коалиции сукцесивно ги промовираа кандидатите за градоначалници, но се уште непознати остануваат најголем број од кандидатите за советници и носителите на советничките листи.
Како што неофицијално дознава Фокус, носител на советничката листа на СДСМ во Град Скопје треба да биде директорката на клиниката за пластична хирургија Софија Пејкова, додека како можен носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во главниот град се споменува универзитеткиот професор Трајко Славевски. Воедно, двајцата се и високи партиски функционери.
Што се однесува до другите скопски општини, според нашите информации, носител на советничката листа на СДСМ во Центар ќе биде ракометарката Адријана Будимир. Листата на ВМРО-ДПМНЕ во централната скопска општина треба да ја предводи кадар на Социјалистичката партија (д-р Лазаров), која е дел од опозициската коалиција.
Во Карпош, велат добро упатени партиски извори, советничката листа на СДСМ ќе ја предводи трофејниот кошаркарски тренер Марин Докузовски, а на чело на листата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде актерот Роберт Велјановски. Исто така, опозициската партија ги избрала и носителите на листите во Ѓорче Петров и Бутел, а тоа се докторите Ленче Нелоска и Игор Николов.
Од ДИК потврдуваат дека веќе се доставени одредени кандидатури за градоначалници и советници. Меѓутоа станува збор за помал дел, особено на кандидати за советници, бидејќи политичките партии, како што посочуваат од таму, до последен миг прават анкети и калкулации за составот на листите.
Влатко Стојановски